Митко Чавков утрово од затворот во Шутка беше спроведен во Кривичниот суд во Скопје да сведочи за апсењето на Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011, ден по парламентарните избори. Тој тогаш бил началник на оделение за организиран криминал, а во случајот „Тортура“ денеска сведочеше по предлог на СЈО.
Чавков за апсењето на Бошкоски рече дека не се сеќава на детали и дали учествувал, но нагласи дека тогаш тој воспоставил практика во дејствијата кои ги преземаат да има и претставник од Обвинителството за гонење организиран криминал, па посочи дека иако не се сеќава, секој случај со сигурност е документиран.
Поранешниот функционер кажа дека тој не ја дал наредбата за апсење на лидерот на Обединети за Македонија, и овој како и другите случаи бил под палка на јавен обвинител, но знае дека во истрагата претходно се користеле и ПИ мерки.
На обвинителка клупа во овој случај се бившиот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков и тогашниот шеф на Алфите, Ивица Анчевски Пуки, за кои Чавков рече дека се и единствени кои ги познава. Други обвинети се уште петмина припадници на специјалната единица.