Денеска е последен работен ден на претседателот Ѓорге Иванов, чиј мандат истекува во недела, кога е закажана и инаугурацијата на новиот претседател Стево Пендаровски.
Утрото од последниот работен ден, Иванов го искористил да испрати барање до Службата за општи и заеднички работи (СОЗР). Од Владата за Плусинфо потврдија дека штотуку стигнало писмено барање од Водно во кое во рамки на буџетот кој го следува по заминување на функцијата, Иванов бара да се склучи договор за изнајмување на канцелариски простор кој тој веќе го пронашол.
Барањето кое го испратил наговестува дека нема да ѝ се врати на професорската кариера на Правениот факултет во Скопје каде предаваше пред да стане претседател. Пензијата, пак, која ќе ја прима Иванов е околу 100.000 денари.
Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, тој има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.
Вакви привилегии, користи и претходниот станар во вилата на Водно, Бранко Црвенковски. Тој откако замина од функцијата претседател во 2009, беше активен на политичката сцена уште неколку години, но во 2013 најави повлекување. Од тогаш, тој не се појавува во јавноста, но ги користи привилегиите кои го следуваат.
ФОТО: EPA/NAKE BATEV