Операцијата (Метла) успешна, пациентот рамнодушен

Јас под операција „Метла“ подразбирам ресетирање на системот, почнувајќи од законите, завршувајќи со заслужено и длабоко орање на вториот и третиот ешалон на власта и администрацијата. Колку што се сеќавам, втор ешалон се заменици министри и директори на институции, а трет се раководители на сектори.

1057

Неколку сопственици на фирми ми раскажуваат како платиле четирицифрени казни во евра за ситни недостатоци и грешки. Одлуката на Владата, инспекциите прво да опоменуваат, па да казнуваат, не важи. Како тоа? Едноставно, затоа што не е помината во Парламент. За жал, не можам да си дозволам да споделам повеќе детали за овие случаи. Како и порано, на луѓето им е страв да се побунат, а уште повеќе се плашат да се дознае дека се пожалиле од инспекциските служби.

Веќе две години луѓето одвојуваат од своите скромни домашни буџети за апсурдните сметки за БЕГ, иако не се вклучени на мрежата на Топлификација. Децата сè уште учат од учебници што ги генерираше режимот, а дел од повлечените учебници не се отпечатени, па на децата им се одржуваат бескрајно здодевни диктати по старата програма (!). Образованието е далеку од бесплатно, бидејќи има давачки колку сакате. Знам дека е најдобро да не го споменувам здравството за да не ни го расипам денот сосема.

Деновиве (месециве, до две години) сме поделени околу три размислувања: дека животот дојде, дека животот не дојде и дека животот дојде, ама и си отиде, по краткото задржување, кога само малкумина се офајдија од него…

Немојте да прашувате каква врска има ова со операцијата „Метла“. Има, затоа што луѓето од ова најново ветување на најпопуларниот политичар во земјава кој е, воедно, премиер, очекуваат многу повеќе отколку што тој може реално да исполни.

Смената на дел од политичките намесници (именувани функционери), како што се министрите, нема да значи ништо за враќање на довербата во институциите и процесите. Тоа ќе биде само пуштање малку политичка крв, што ќе ги задоволи само апетитите на сеирџиите на кои им е сеедно што се случува, сè додека се случува нешто.

Веќе се забележува иронијата кон операцијата „Метла“. Освен неколку политичари, Метлата на Заев никого не потресе премногу. Безбројните ситни шрафчиња, како и покрупните запчаници во наследената и речиси нечепната машинерија на режимот останаа рамнодушни. Најголем дел од луѓето со кои разговарам деновиве, исто така, останаа рамнодушни, по малку и цинични. Така, по некое време, може да очекуваме соопштение дека операцијата „Метла“ е успешна. Пациентот, граѓанките и граѓаните, ќе останат рамнодушни. Тие што треба, нема да го почувствуваат ветерот на метлата со која (вербално) замавна премиерот. И тие ќе останат рамнодушни. Ќе останат само колумните на неколкумина што ќе пожолтат од старост, пред воопшто и да бидат прочитани, разбрани… Пред две и пол години чекавме Живот, сега ја чекаме Метлата. Дечко, дај уште едно еспресо, те молам! Да не седи празен асталов додека чекам…

***

Јас под операција „Метла“ подразбирам ресетирање на системот, почнувајќи од законите, завршувајќи со заслужено и длабоко орање на вториот и третиот ешалон на власта и администрацијата. Колку што се сеќавам, втор ешалон се заменици министри и директори на институции, а трет се раководители на сектори.

Стотици пати е кажано и напишано дека администрацијата треба да се преполови, бројот на министерства и министри треба да се преполови. Партиските војски мора да се вратат во партиските простории, а не да го користат работното време и јавните ресурси (канцеларии, телефони, коли, пари…) за партиски потреби (и на националистичката опозиција), а најмногу за да безделничат. Режимот е жив и витален, само формата е променета. Метла за режимот, тоа е она вистинското!

Тоа не може да биде процес, не може да биде долготрајно и мачно натегање и пазарење со опозицијата и со коалициските пијавици и питони. Тоа само може да биде офанзива, брза и длабока, без компромиси и калкулации. И онака помина повеќе од половина мандат.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...