Диме, сите сме горди со тебе! Браво Диме! – 30 години од освојувањето на Монт Еверест од Димитар Илиевски Мурато

И ние тука сме среќни, одговора Диме, придружуван од локалните шерпаси Сонам и Аџива и двата планинари од Хрватска и Словенија, Стипе Божиќ и Вики Грошељ, сведоци на историскиот настан.

307
Деновиве пред години… на 10 мај 1989 година, битолчанецот Димитар Илиевски Мурато, како прв македонски алпинист се искачи и го освои највисокиот планински врв на светот Монт Еверест (8.848 метри).

Македонската јавност никогаш нема да го заборави разговорот меѓу Димитар Илиевски-Мурато и членовите на македонската алпинистичка хималајска експедиција, што го водеа тој ден на Хималаите и легендарната фотографија на Димитар снимена на врвот на планетата, точно во 18 часот по локално време.

– Диме како си?

– Ептен убо…, одговора Диме, по битолски…

– Диме сите сме горди со тебе! Браво Диме!

– И ние тука сме среќни, одговора Диме, придружуван од локалните шерпаси Сонам и Аџива и двата планинари од Хрватска и Словенија, Стипе Божиќ и Вики Грошељ, сведоци на историскиот настан.

Македонија! Мацедониа! Е,ееее Македонија – пееја, тогаш македонските планинари и неколку Шерпаси.

Како што е познато, на 10 мај 1989 година Димитар Илиевски-Мурато, член на македонската алпинистичко-хималајска експедиција „Еверест 89“ се искачи на највисокиот врв на светот, развиори знаме, и дури 80 минути бил на највисоката точка на планетата Земја, но за жал не успеа да се врати до базниот логор, останувајќи вечно на Хималаите.

Македонските планинари, организирани од планинарскиот спортски клуб- ПСК „Пелистер“ и годинава масовно ќе учествуваат на планинарскиот марш, овој пат јубилеен, 30-ти по ред, кој од Битола ќе води до „Димев Врв“ на планината Баба што се наоѓа на неколку метри под врвот Пелистер. Според востановената традиција, токму на местото „Димев врв“ еден планинар ќе потсети на алпинистичките успеси на Мурато, а група планинари ќе положат цвеќе на спомен бистата на Димитар Илиевски-Мурато што се наоѓа кај планинарскиот дом „Копанки“.

– Годинава планинарскиот марш ќе биде најмасовен и пријавени се околу 2.000 планинари од нашата држава и странство, како и претставници на дипломатскиот кор како што се амбасадорот Жбогар, холандскиот амбасадор, претставници на ОБСЕ и други. Учесниците од првата група ќе се движат од Ниже Поле преку Дебел Рид до Големо Езеро, а потоа од Големо Езеро, преку Мало Езеро и Партизански Врв и Широко Стапало ќе стигнат до врвот Пелистер. Утре, на врвот Пелистер, првата група планинари ќе се здружи со втората група планинари која ќе се движи од Палиснопје и Ловечка Куќа со врвот Пелистер, истакна планинарот Петар Нолев.

Во пресрет на планинарскиот марш, синоќа во битолската „Магаза“, планинарите приредија јубилејна изложба на која се поместени фотографии од историскиот настан од пред 30 години, а низ планинарски муабети потсетија дека Димитар Илиевски-Мурато освен Еверест на Хималаите се искачувал и на највисоките врвови во Европа, Јужна Америка и во Азија, односно врвот Чококилки-6.400 метри, Уаскаран 6.680 метри и други.

Како што е познато за подвигот од 10 мај 1989 година, Димитар Илиевски-Мурато посмртно е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, од Македонскиот олимписки комитет е прогласен за „Великан на спортот“, а добитник е и на други награди и признанија. Општина Битола во чест на својот истакнат граѓанин пред неколку години во централното градско подрачје именува улица со името на Димитар Илиевски-Мурато.

На родната куќа на Димитар, поставена е спомен плоча која на барање на неговата сопруга Елпида и синовите Јонче и Сашо Илиевски наскоро ќе биде обновена, додека дел од планинарската опрема на Мурато ќе биде изложена во НУ Завод и Музеј-Битола.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...