Демократите и либералните организации поднесоа петиции со вкупно десет милиони потписи во Вашингтон, барајќи од Конгресот да покрене постапка за отповикување на републиканскиот претседател Доналд Трамп.
Пред Капитол, седиштето на Конгресот, каде се поставени плочи на кои пишува „Трамп мора да замине“, двајцата претставници, Рашида Тлаиб и Ал Грин, со претставници на здруженија, предадоа УСБ со собраните потписи.
– Во раце држиме десет милиони причини поради кои сме денеска овде – рече Ал Грин.
Тлаиб, пак, која неколку месеци бара оставка од Трамп, рече дека „во ова време, кое е исклучително мачно за нашата земја, време е да се бориме“.
Таа е во Долниот дом од јануари, а во март поднесе резолуција во која го повикува Одборот за правосудство да истражи дали има причини за отповикување на претседателот.
Раководството на Демократската партија, за разлика од нејзиното либерално крило, сепак, ги смирува страстите, истакнувајќи дека постапката за отповикување, која е непопуларна во анкетите, може длабоко да ја подели земјата која има 325 милиони жители, а се ближат избори во 2020 година.
Иако демократите имаат мнозинство во Претставничкиот дом, Сенатот, кој е задолжен за „судење“ во постапката за отповикување, го контролираат републиканците, кои сигурно ќе гласаат против.
Како што пренесуваат странските медиуми, веќе со недели постои напнатост помеѓу демократите и Белата куќа, која не сака да соработува во парламентарните истраги, бидејќи смета дека нивните барања се неоправдани и мотовирани од политички интереси.
ФОТО: EPA / MICHAEL REYNOLDS