Врвен приоритет на Министерството за здравство е грижата за здравјето на секоја жена. Изминатиов период спроведовме низа мерки за унапредување на женското здравје, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче во обраќањето на панел дискусијата посветена на женско здравје, во рамки на фестивалот за феминистричка култура и акција „Прво па женско“, што се одржа во Младинскиот културен центар.
Во соработка со УНФПА, посочи, завршивме успешен заеднички проект, со буџет од 5,5 милиони денари, обезбедени со еднакво учество на Министерството за здравство, Владата и Агенцијата за акредитација.
– Спроведени беа двонеделни обуки на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и Клиничка болница во Тетово за ефективна перинатална грижа и брза проценка на родилиштата, согласно со курикулумите и препораките на Светската здравствена организација. Со овие обуки се воведе стандардизиран пристап во сите родилишта, обучен кадар, медикаменти и опрема. Надградени се 15 акушерски и неонатолошки протоколи за најчестите состојби во перинаталниот период и во тек е дистрибуција на протоколите во 22 родилишта во земјава – рече Филипче.
Исто така, нагласи, во изминатиот период се отворени три центри за упатување на жртви од сексуално насилство во Скопје, Куманово и Тетово, со донација од УНДП и УНФПА, како и во соработка со граѓанската организација ХЕРА. Потенцира дека целта на овие центри е примарно да се заштитат жртвите од родово насилство, на начин на кој ќе се почитува достоинството и интегритетот на жртвите.
– Дел од мерките и активности кои ги спроведуваме за унапредување на женското здравје се и бесплатни прегледи и лабораториски анализи во тек на бременоста, бесплатно породување за бремени жени, кои се надвор од системот на задолжително здравствено осигурување и лица без документ за идентификација, како и фолна киселина за секоја бремена жена. Во март Собранието го изгласа новиот Закон за прекинување на бременоста, со кој волјата на жената ја ставаме на прво место. Моментално, овој закон чека на потпис кај новиот претседател на нашата држава и се надеваме дека во најбрзо време ќе биде потпишан и донесен. Одлуката за прекин на бременоста е право на жената и тоа никој не може да и го одземе – истакна Филипче.
Воедно, министерот потсети дека условите на Клиниката за гинекологија и акушерство се доведени на ниво каде новороденечката смртност е намалена за 30 отсто, а токму тоа е резултат на сите активности кои ги презема Министерството за здравство и Владата.