Тешко дека некој од министрите на ДУИ треба да остане во Владата на премиерот Зоран Заев при најавената реконструкција. Ова е оцената на висок функционер на ДУИ базирана на анализите кои веќе се направени во партијата на Али Ахмети за тоа колку сработиле нивните кадри. Сепак, и покрај позразителните резултати за сработеното, од партијата велат дека е јасно оти Ахмети ќе пресече кој и колкумина ќе се збогуваат од Илинденска.
Функционерот за Плусинфо вели дека Ахмети уште пред изборите ја имал целосната слика за своите кадри и дека средбата помеѓу лидерот на ДУИ и Заев, која вицепремиерот Бујар Османи ја најави, е само прецизирање до каде ќе се оди со реконструкцијата на Владата, бидејќи двајцата владини партнери веќе разговарале за проветрувањето на Илинденска.
Според анализите, речиси сите министри, заменици министри, државни секретари и директори потфрлиле во работата. Имало потфрлање во реализацијата, капиталните инвестиции, сработените проекти…
– Лабаво се однесувале кон работата и работните обврски. Целото внимание било насочено кон надворешната политика, каде резултатите се неспорни, но во друго потфрлиле. Очекувам да има смена на неколку министри иако според мене Ахмети и Заев треба на сите да им се заблагодарат, во спротивно ќе нема ефект реконструкцијата – вели функционерот.
ДУИ во владата на Заев е застапена со двајца вицепремиери Бујар Османи и Хазби Лика и тројца министри Крешник Бектеши, Садула Дураку и Арбр Адеми, четворица заменици министри и повеќе државни секретари и директори.
Како што веќе објавивме, од пониските ешалони се очекува да бидат сменети директорите кои во повеќе мандати се на функција, а во оваа насока се споменуваат директорите на фондовите за пензиско и за здравство.
Засега нема најава кога ќе биде закажана средбата помеѓу Заев и Ахмети, а двете партии сѐ уште не закажале ниту централен и извршен одбор и централно претседателство.
Од СДСМ остануваат на позицијата дека „секој што не е добар и од нивните и од ДУИ ќе биде сменет“.
Фото: EPA/VALDRIN XHEMAJ