На 9 Мај се сеќаваме на Диво Насеље, дводневна жестока битка меѓу македонската полиција и криминално-терористичката група на Мирсад Ндрецај, еден од најтрауматичните настани од долгиот пад на режимот на Груевски. На тој ден, (квази) претседателот Иванов беше на воената парада во Москва, иако можеше да биде и во Северна Кореја или на гости кај уште еден доктор на науки, д-р Мугабе, добриот пријател на режимот чија марионета беше самиот. И тогашниот премиер Груевски, сега азилант, беше кај некои свои пријателчиња низ Европа. А овде се лееше крв. На денот на Европа.
Четири години по оваа крвава „мала војна“, има повеќе прашања отколку одговори. Владата на Зоран Заев донесе одлука да отвори меѓународна истрага, но и по две години, таа не е започната. Сѐ уште се гласни тврдењата дека Диво Насеље е сценарио на тогашниот режим за да се втурне земјата во меѓуетнички оружен конфликт. Диво Насеље ќе остане темна сенка над овој датум засекогаш.
„Малата војна“ во Диво Насеље му претходеше на најголемиот протест организиран во Македонија било кога, 17 мај 2015. Наспроти стравичната закана што крвопролевањето во кумановската населба, зад кое стојат сѐ уште скриените мрачни сценарија и сценаристи, пред владата се собраа близу сто илјади граѓанки и граѓани за да му кажат сиктер на режимот.
Никогаш не смее да се заборави улогата на тогашниот претседател на кумановскиот општински совет, сега градоначалникот Максим Димитриевски. Тој излезе на улиците на Куманово и храбро го впери својот прст во режимот, дека тие се одговорни за овој напад на државата и меѓуетничкиот мир. И кумановецот Авди Авдиу остана запаметен со својата трогателна изјава пред камерите во која ја искажа својата надетничка ориентација и повика на смиреност, разум и сплотеност на сите заедници што живеат во Куманово и Македонија. За мене, тие се хероите што го спречија меѓуетничкиот судир што терористите и нарачателите се обидоа да го предизвикаат.
На маргините од нашето сеќавање, овој датум треба да го запомниме и по промоцијата на уште една книга на „докторот на науки“ Груевски – „Искуства за иднината“ на Саемот на книгата оваа година. Издавачката куќа „Ѓурѓа“ одлучи да нѐ потсети на деспотот што доби закрила од Виктаторот од Орбанистан. А кој друг? Тоа е истата издавачка куќа, пријател на режимот, што во годините на режимот издаде над десет наслови од „капиталните“ дела на нацизмот и фашизмот, како што се „Мојата борба“ од Адолф Хитлер „Фашистичка револуција“ од Бенито Мусолини, „Говорите на Гебелс“ и низа други. Се разбира, и книгата „Зборови што го менуваат светот“, посветена на рускиот диктатор Путин, е дел од продукцијата на оваа издавачка куќа што е заслужна за масовно ширење на фашизмот и нацизмот преку полиците поставени во секоја книжарница и малку поголема самопослуга во земјата.
А што е 9 Мај?
На 9 Мај ја славиме Европа. Се слави и како Ден на победата над фашизмот. На тој ден, повозрасните се сеќаваат воените паради на некогашната ЈНА во некогашната СФРЈ, а помладите, како и цела Западна Европа, го слави како Денот на Европа.
На овој ден беше претставена декларацијата на Роберт Шуман во 1950 година, според која се креира Европската заедница за јаглен. Во Шумановата декларација, меѓу другото, се вели: „Солидарноста во производството, воспоставена на овој начин, ќе ја направи секоја војна меѓу Франција и Германија незамислива и материјално невозможна.“ Декларацијата што ја потпишаа Франција, Германија, Италија, Холандија, Белгија и Луксембург, само пет години по најкрвавата војна во историјата на светот, стана основа за Европската Унија каква што ја знаеме денес.
Овој ден е Ден на победата. Еден од најзначајните датуми за модерната цивилизација. Потсетник…
Борбата продолжува.