Гласачките кутии во Чаир легитимно се возеле со такси

1080

Фотографијата објавена на денот на гласањето од вториот круг на претседателските избори сликана пред избирачко место во општината Чаир на која се гледа гласачка кутија во такси возило, отсликува вообичаена активност на денот на гласањето и не е утврдено ништо спорно во дистрибуцијата на гласачките ливчиња, велат од ДИК за Плусинфо.

Токму оваа фотографија поттикна многу коментари со сомнежи на социјалните мрежи за регуларноста на изборите, а имаше и трдења според кои таа илустрира како се полнат гласачки кутии. Граѓаните наведуваат дека ваков случај бил забележан и во Велес.

ДИК потврдува дека на гласачкото место во опшината Чаир при дистрибуција на гласачките ливчиња од Општинската изборна комисија (ОИК) до гласачките места и обратно по завршувањето на гласањето во 19 часот, гласачката кутија до ОИК била превезена со такси.

Тоа, како што велат од ДИК не остава простор за какви било сомнежи дека било постапено незаконски или со задни намери, затоа што превозникот кој бил избран на тендер, а кој не може да обезбеди превоз за сите 3.480 избирачки места и 80 општински изборни комисии е дозволено да ангажира и друг превозник, како што е во случајов со такси компанијата која превезувала гасачка кутија на 5. мај во Чаир.

Инаку, опозициската ВМРО-ДПМНЕ достави 12 приговори во ДИК за нерегуларности што ги забележале нивните набљудувачи на денот на изборите во Охрид, Брвеница, Ново Село, Радовиш, Центар, Сарај и тоа за полнење кутии, за гласање на повеќе лица, за агитирање и за поткуп.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...