Како пропадна операцијата „Метла“

6148

Уште од сега е јасно дека операцијата „Метла“, најавена како една од „гумите за спасување“ на вториот претседателски изборен круг, е пропадната и пред да започне. За тоа има неколку добри причини…

Прво, овој вид на квази-револуционерни политички зафати се, во принцип, однапред осудени на пропаст. Не затоа што премиерот и претседателот на СДСМ не може, теоретски, да смени и третина од функционерите со кои управува, туку затоа што кого и да го смени и кого и да го остави на функција, јавноста ќе биде подеднакво поделена, сите ќе тврдат дека требало (и) некои други да си заминат, а не токму или само овие; дека оној преживеал заради бизнисите на Вице, а овој затоа што е близок на Шекеринска или на Оливер; и дека зад некого застанало влашкото, зад другога прилепското, а зад некој трет женското или криминалното лоби; и сл.

Значи, од аспект на јавната перцепција, постојат сите предуслови политичката штета да биде поголема од користа од целата оваа најавена кадровска вежбанка.

Во јавноста, желна за „крв“ (модерно: „одговорност“), веќе се отворени обложувалници за тоа кои ќе бидат жртвите на „чистката“, а моите колеги, новинари, и на хигиеничарките во државните институции од некни им поттураат микрофони под носот со едноставно прашање: „Очекувате ли да ја преживеете ‘метлата’ на Заев?“… Функционерските одговори на ова прашање се движат од патетични до комични, иако тешко, низ вкочанетите насмевки, се крие навреденоста заради тоа што се доведени во ситуација да одговараат на овие евтини провокации.

Имало причина зошто во историјата постоеле институции како гладијаторски борби со крволочни животни или пост-револуционерни гилотини, оти за, на контролиран начин, да се задоволи гладта на јавноста за сеир и некаков вид на одмазда, морало да се жртвува и суво и сурово, со активно навивање и воодушевување од публиката. Да ве потсетам, римскиот Колосеум, изграден недалеку, источно, од римскиот Форум, пред две илјади години, собирал и до 80.000 (!) луѓе во публиката, а на неколку километри од таа локација, во тркалиштето Циркус Максимус, можеле да се сместат и до 150.000 гледачи за да уживаат во драмата на крвавите трки со борбените двоколки на римските јунаци…

Според тоа, како веќе пробан историски метод, можеби е добро Заев да размисли својата чистка да ја спроведе на Градскиот стадион во Скопје, пред триесетина илјади публика, билетите за овој настан да се делат преку општинските партиски комитети, настанот да трае цел ден, а публиката, во климакс, со кренатите палци нагоре или надолу и со гласно навивање да одлучува кому треба да му се „скине главата“, а кому не.

Второ, ДУИ веќе го поздрави Заева дека со кадрите на СДСМ може да прави што сака, но со Албанците од ДУИ во Владата нема играње. Тоа не значи дека нема да има театар од средби меѓу Али и Зоки, па малку драмолетки и епизодни јавни препукувања (Бујар Османи стои на располагање), но никаква суштинска кадровска промена нема да има. Само калифот Али е шеф на Алиевци, а неговите кадровски патишта се мистични и древни, ферментирани низ густиот чад на чајџилниците во Чаир и на дискретни локации во Мала Речица, каде важат други канони од законите за државната администрација. Тоа е една цела друга шаманска наука.

Трето, можеби и најважно, е што проблемот на Заев не е, само, во кадрите, туку во начинот и стилот на владеењето. Не можеш да бидеш ефикасен микроменаџер како Груевски, без Мијалков! Сите да мислат дека сè зависи од твојата иницијатива, налудничава енергија и „последен збор“, а да бидеш демократ кој верува дека, кај луѓето, совеста и самосвеста се посилни инстинкти од стравот пред заканата. Бирај Аго што ти драго: или „цврста рака“ потпрена врз беспоговорна лојалност (Груевски, а сега и неговиот партиски намесник); или децентрализација на одлуките, со избор на луѓе кои ќе знаат и ќе сакаат да ги носат, без од тебе да се очекува сè да аминуваш!

Затоа оваа Операција „Метла“ ќе пропадне, бидејќи ќе се занимава само со таксират-поединци, а не со неопходноста да се менува и системот. Бидејќи, кога е системот добар, тој самиот тековно ги „мете“ оние кои не даваат очекувани резултати.

Освен ако однапред не се договориме дека операцијата „Метла“ е само забава за народ, како своевремено спектаклите во римскиот Колосеум. Аве, другарче Заев, моритури те салутант!

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...