Колку е убаво кога е расчистено. Значи можело!

Премиерот е решен да го направи тоа, зашто победата ја добивме, но и пораката ја примивме. Мој став е дека 24  министерства се многу. Не можеме да ги издржиме. Прво нив ги криеме кога ќе ни дојдат гости.

1571

За три недели светна главниот ни град во државава. Видливо и забележано од многумина, а во врска со подготовката на достоинствен пречек на Големиот Достоинственик. Ова го забележаа овдешните граѓани, а и оние што не се овде, односно се во потрага по подобро, почисто, пологично место за работење и живеење.

Значи знаеме како, само треба да продолжиме. Со истите ресурси: луѓе, механизација што редовно ни недостига (да се расчисти снегот во зима по патиштата, на пример, депониите што горат, паркинзите во центарот на градот). Додадена вредност на ова е постигањето на оваа видлива промена за сите – во време на претседателски избори што исто така како и улиците на Скопје беа чисти и уредни, а домаќините и ми се чини и гостинот беа видливо задоволни.

Единственото нешто што отстапуваше од реалната слика беа испразнетите улици на патот до градот и во градот. Испразнетиот град дава погрешна слика за бројноста на луѓето и движењето од аеродромот до Скопје и секаде каде што се движеше Папата. Типот и размерот на бедбедносните мерки и протоколот (како што ни објасни одговорната за протокол во државава), сепак се носат на повисоки места, освен протокол и листинг на барањата на гостите.

Така, администрацијата во Скопје доби слободен ден и се пренасочи сообраќајот. Второво е објасниво со безбедносните мерки. Така се реши тој ден неефикасната администрација, која се трупала со години и сè уште не може да најдеме модус да ја намалиме, а да не останат луѓето без работа. Она што останува е како да се реши СЕКОЈ ДЕН, кога сме сами со себе. Без гости. Најголем дел од нашите животи се секој ден.

Еве како се полнеше администрацијата во Министерството за здравство. Секој министер при стапување на должност, си носеше луѓе што го чинеа неговиот кабинет. Луѓе што ги познава, чиј капацитет го знае и со кои брзо се разбира. Дотука тоа е разбирливо – во полза на успешност на работењето да го состави својот најблизок тим соработници.

Кога си одат, меѓутоа (Тодоров со смена на власта, Таравари по своја одлука, да не ги редам претходните оти истото се случуваше) ги оставаат своите кабинети/соработници со статус на вработени во Министерството. Повеќе од триесетина лица се вработени од кабинети на претходни министри. Потоа тие сами се снаоѓаат, но остануваат тука. Често со несоодветно образование за дејноста, се преквалификуваат, се приспособуваат на новодојдените и се борат за свое место под (државно) сонцето – усвитената топка на администрацијата. Од Советот за радиодифузија до државен советник, од секретарка на министерот до советник во не знам кој кабинет, од кинезитерапевт до државен советник.

Професионалните административни работници стануваат малцинство во установата. Министерот Венко Филипче не може да го разреши Гордиевиот јазол. Тој сè уште е во „физибилити“ состојба. Потребно е системско решение. Премиерот е решен да го направи тоа, зашто победата ја добивме, но и пораката ја примивме. Мој став е дека 24 министерства се многу за нашата Македонија. Не можеме да ги издржиме. Прво нив ги криеме кога ќе ни дојдат гости.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...