Катица Јанева и целиот тим на СЈО имаат желба за уште еден мандат

Најтешкото прашање во преговорите е за истрагите отворени по истекот на рокот од 18 месеци. За последните информации за евентуално формирање на тим кој ќе одлучува дали СЈО или некое друго обвинителство да го водат предметот што е веќе отворен, таа вели дека тоа не треба да биде така, но мора да има некакво решение.

966

Шефицата на СЈО, Катица Јанева сака и таа и целиот нејзин тим да останат да работат заедно уште еден мандат. Оваа желба таа ја истакна додека се во тек преговорите за новиот Законот за јавно обвинителство со кој се решава и судбината на СЈО. Утрово се одржа уште една средба меѓу министерката за правда Рената Дескоска и преговарачот на ВМРО-ДПМНЕ, адвокатот Тони Менкиноски, по која информациите се дека се очекува да се постигне договор СЈО да биде посебна институција, но нема никаков напредок за тоа што да се случи со истрагите отворени по рокот од 18 месеци.

Катица Јанева очекува партиите да се договорат бргу, но посакува да се задржи истиот состав на обвинителството со кое раководи. Моменталниот предлог е да се прави ротација односно реизбор на по четворица обвинители на секој шест месеци.

– Мислам дека тоа ќе биде во ингеренции на Советот на јавни обвинители. Знаете дека во моментот кога бевме избрани и јас и мојот тим пред три и пол години, не калкулиравме на тој начин да останеме трајно. Ние со нашата работа докажавме дека треба да преминеме во институција која треба да биде инкорпорирана во правниот систем. Ние сме професионалци, си ја работиме работата, во однос на тоа како ќе биде регулирано не може никој да знае. Се надеваме дека ќе останеме цел тим да продолжиме да работиме заедно уште еден мандат. Тоа ни е желба, јас ги подржувам сите мои колеги да останат во тимот. Имаме уште две места кои се ослободени, а според одлуката на Советот имаме право на уште двајца колеги да бидат дел од тимот. Но сето тоа ќе биде дел од работата на СЈО во периодот откако ќе биде донесен законот – изјави Јанева.

Најтешкото прашање во преговорите е за истрагите отворени по истекот на рокот од 18 месеци. За последните информации за евентуално формирање на тим кој ќе одлучува дали СЈО или некое друго обвинителство да го водат предметот што е веќе отворен, таа вели дека тоа не треба да биде така, но мора да има некакво решение.

– Мора да има некое преодно решение. Кое ќе биде не знам. Моето мислење е дека не треба, но ако се согласат страните да има такво тело од тројца обвинители мислам дека и тие ќе бидат свесни дека треба најбргу што може да ги анализира тие предмети. Стоиме на располагање да помагаме во тој процес и се надевам дека ќе биде брз  – вели Јанева.

Покрај тоа кој ќе биде надлежен за тие предмети, тешко одат преговорите и што да се случи со веќе прибраните докази во нив бидејќи опозицијата бара тие да не важат. Но, специјалната обвинителка е оптимист дека главните точки за работата на СЈО се надминати и очекува и во однос на тоа да се најде решение.

– Задоволна сум со тоа што можеби разговорите нема да бидат слушани, но сепак ќе има простор да бидат анализирани од страна на судот, ќе бидат дел од доказите ако има предмети во суд. СЈО понатаму си работи на предистражните постапки и на истражните, отворивме и повеќе нови предистражни постапки во однос на тие разговори кои преостанаа, па се надеваме дека во периодот кој доаѓа ќе се донесе законот и потоа сите ќе се престроиме како што ќе каже законот. Се надевам дека овој неизвесен период многу бргу ќе заврши за да знаеме и ние во кои правци да го носиме нашите предмети – рече Јанева.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...