Проектот на МСУ и Прља беше избран за национален претставник на Венециското биенале од комисија на Министерството за култура, која го издвои од другите три пријавени на конкурсот поради „тематската одреденица и методологијата во уметничкиот пристап низ неконвенционалните методи“. Според комисијата, „Субверзија во црвено“ е актуелен и интернационално референтен проект во културниот контекст и во однос на темата на Биеналето.
Комисијата ги имала предвид и квалитетите и искуството на авторката со учество и изведба на дела со сличен контекст, кои се многубројни и имаат освоено награди и признанија на меѓународната сцена. Министерството за култура издвои 4.000.000 денари за претставувањето на проектот на МСУ на Биеналето во Венеција.
Генерална тема на 58. Интернационална ликовна изложба – Венециско биенале е „Може да живееш во интересни времиња“, која ја утврди кураторот Ралф Ругоф.