Француската полиција соопшти дека едно вооружено лице држи неколку луѓе како заложници во една продавница за цигари во предградие на Тулуз.
Локалните власти наведуваат дека не е познат идентитетот на вооруженото лице, ниту колку луѓе се наоѓаат во продавницата.
На местото на инцидентот се испратени единици на француската специјална полиција. Зоната околу продавницата која се наоѓа во местото Блањак е во близина на аеродромот во Тулуз.
Телевизијата Франс 3 објави дека киднаперот побарал да разговара со преговарач.
ОБНОВЕНО Сите заложници кои беа во барот-продавницата за тутун и цигари во Блањак во близината на Тулуз се ослободени, јавува дописникот на МИА.
Напаѓачот кој и е познат на полицијата за кривични дела, бил уапсен на 15 февруари во рамките на движењето на „жолтите елеци“. Тој според француските медиуми истакнал дека бил „вооружена рака на жолтите елеци“.
Во Тулуз се специјалните сили на полицијата од Париз. Засега според француските медиуми не се знае дали напаѓачот беше неутрализиран од страна на безбедносните сили.
Во меѓувреме во неговиот дом е пронајден тестамент, во кој, како што изјавил полициски извор за „Фигаро“, тој вели дека „жали што го сторил тоа”. Тој напишал дека „ако не го сторел тоа, никој нема да мрдне, и дека ќе направи се за жолтите елеци да ја добијат битката“.