Поранешниот премиер Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија, на својот профил на Фејсбук попладнево објави дека утре на Саемот на книгата во Скопје ќе се продава неговата нова книга насловена „Искуства за иднината“, во издание на „Ѓурѓа“. Станува збор за книгата поради која Груевски бараше да му биде одложена казната затвор.
Тој им ја посвети книгата на ќерките Анастасија и Софија, а за септември најави и англиска верзија.
Дел од авторскиот предговор
Книгата ,,Искуства за иднината“ е всушност мојот докторски труд на тема: ,,Економските ефекти на различните видови на меѓународни текови на капитал со посебен осврт на Република Македонија“ одбранет во јули 2018 година на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Република Македонија.
Овој докторски труд го одбранив пред петчлена комисија на професори: проф. д-р Методија Несторовски како претседател на комисијата, инаку мој ментор во времето кога го подготвував и одбранив магистерскиот труд, проф. д-р Михаил Петковски, ментор на овој докторски труд и рецензент на книгата, проф. д-р Живко Атанасовски, кој е исто така рецензент на оваа книга, проф. д-р Љубе Трпески и проф. д-р Владимир Филиповски. На сите им благодарам за поддршката, професионалниот однос и за соработката.
Политичките околностиво време на издавањето на книгата
Неизбежно е да потенцирам дека оваа книга се издава токму во време на сложени политички случувања во Македонија и кога веќе половина година имам статус на личност со доделен политички азил како политичко прогонето лице и се наоѓам во Република Унгарија.
Издавањето на книгата не одеше според планот кој го имав во летото 2018 година.
Издавањето беше планирано да се случи во јануари 2019 година, по довршување на одредени дополнувања во книгата поврзани со обезбедување и внесување дополнителни податоци објавени по предавањето на докторскиот труд за одбрана, а заради поголема актуелност на книгата.
Но, кампањата на политичкиот прогон кон мене кулминираше есента 2018, а нејзините креатори толку многу брзаа да ме затворат и отстранат, користејќи лажни клевети и неосновани политички мотивирани обвиненија, што му одредија на судот кој им беше потчинет, да не ми дозволи време пред извршување на незаслужената санкција, околу два месеци колку што побарав, за да ги завршам спомнатите дополнувања кои планирав да ги вметнам и кои сега, пред нејзиното издавање, веќе ги вметнав во книгата.
Впрочем, веројатно ќе го доловам можеби најголемиот дел од мотивот за политичкиот прогон против мене, ако само потенцирам дека докторскиот труд од кој произлегува оваа книга е завршен и одбранет пред стручната комисија во време кога сѐ уште мојата татковина во нејзиниот Устав се нарекуваше Република Македонија. Книгата која произлегува од докторскиот труд се објавува кога веќе тоа име, на еден брутален и недемократски начин, со валкани уцени и притисоци, политички мотивирани обвиненија, монтирани судски процеси и апсења, а сето ова со поддршка на силна медиумска кампања, е променето во Република Северна Македонија, заедно со бројни други чекори поврзани со идентитетот на Македонците, историјата на македонскиот народ, а во тој контекст и образованието и културата.
На крајот, врз основа на повеќе околности, кои подетално ќе бидат предмет на обработка во друга книга, произлезе и потребата да побарам политички азил во странство и сите тие историски збиднувања во Македонија го одложија издавањето на оваа книга.
Можам само да се заблагодарам на институциите на Република Унгарија, кои по деталните интервјуа и проверки по моето доаѓање тука, како независни институции на суверена држава, проценија дека има доволно причини да добијам заштита преку доделување на политички азил во согласност со меѓународните конвенции и унгарското законодавство како земја членка на Европската унија и на НАТО.
Без тоа, оваа книга, немаше да биде во Вашите раце.