САД испраќаат честитки до новоизбраниот претседател Стево Пендаровски за неговата победа на претседателските избори во Северна Македонија, соопшти денеска американскиот Стејт Департмент.
„Ги поздравуваме граѓаните на Северна Македонија кои го остварија своето право да гласаат. Изборите беа мирни и конкурентни, а резултатот ја потврдува волјата на народот. Го поздравуваме и прелиминарниот извештај на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за спроведените избори“, се наведува во соопштението.
Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР на прес конференција вчера во Скопје оцени дека генерално претседателските избори биле мирни, добро спроведени и со успешна завршница.
Од Стејт департментот додаваат дека САД е силен партнер на Северна Македонија.
„Вашинтон е подготвен да соработува со новоизбраниот претседател Пендаровски, со Владата и со сите политички партии во моментите кога Северна Македонија се подготвува да стане 30. членка на НАТО алијансата и прави напредок како идна членка на ЕУ“, се вели во соопштението.