Периодот од 14 години чекање пред вратите е предолг, вели премиерот Зоран Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање од грчка новинарка за тоа кои се следните цели, по посетата на папата Франциск, тој рече дека ако е можно и 10 пати би се видел со францускиот претседател Емануел Макрон за почеток на преговорите со ЕУ.
– Ако е можно да го посетам претседателот Макрон 10 пати, премиерот Руте и канцеларката Меркел, моите пријатели Алексис Ципрас и Бојко Борисов го направија тоа, затоа што пред мојата земја е важна одлука за отворање на поглавјата од преговорите со ЕУ. Тоа е втората важна цел за нашето општество, првата ја постигнавме, тоа беше членството во НАТО. Досега протоколот го ратификуваа веќе 12 земји, прва беше Грција. Целта е да се посветиме на Европската комисија (ЕК), но и на европските лидери оти сите 28 земји-членки на ЕУ ќе одлучуваат ова лето за нашата земја. Периодот од 14 години е предолг да се чека пред вратите на ЕУ. Ние покажавме многу европски вредности, денеска на пример, со пречекот на папата, како и со последните избори. Ќе продолжиме да бидеме добар пример пред Западна Европа – рече Заев.