Нашата убава земја Република Северна Македонија денеска е уште еднаш во фокусот на светското внимание, изјави по повод апостолската посета на папата Франциск на Скопје.
– Посетата на Неговата Светост, првиот човек на Католичката Црква и на Ватиканската држава папата Франциск, како прва, историска посета на еден папа на нашата земја, е огромно признание за местото што Република Северна Македонија го зазеде во глобалната заедница на прогресивните земји. Посетата на папата Франциск не е резултат на митологии. Неговата посета е израз на созреано време да се оддаде признание за историските врски од раните векови на христијанството кога папата Адријан Втори ги благословил и осветил богослужбените книги на светите браќа Кирил и Методиј со кои подоцна е извршена христијанизацијата на словенските народи во Европа. Република Северна Македонија низ сите векови на создавање на нејзината државност ги пренесе библиските пораки на надеж, утеха и толеранција и во својата современост. Ватикан, Европа, и целиот свет, ги препознаа вредностите, убавината на различните култури, етнички заедници и религии што живеат во општество еднакво за сите – рече Заев.
Светата литургија со која папата Франциск ги благослови католичките верници и сите граѓани со добра волја, според Заев, е израз на почит за заедништвото меѓу народите на нашата земја кое го негуваме.
– Не помалку важно е што денеска, Република Северна Македонија и нејзините граѓани, освен гордоста за искажаната чест што Папата Франциск ја посети нашата земја, покажаа и дека имаат капацитети да ги направат сите подготовки за да дочекаат еден од најзначајните светски лидери, духовник и инспирација на милиони верници и граѓани со добра волја – додаде тој.