Папата на мисата носеше уникатна облека, млад брачен пар ја креираше во боите на Македонија

2019

Папата Франциск на денешната миса во Скопје носеше уникатна облека во националните бои на Македонија. Мисницата е дар од младиот брачен пар Драган Георгиевски и Марија Георгиевска Ристовска кои денеска ќе сведочат пред светиот отец на екуменската и меѓурелигиска средба со младите.

Материјалот за мисницата е направен од сто проценти волна во бела боја испреплетена со златни нитки. Ширитот кој се наоѓа напред и одзади е во црвена боја проткаена со златни нитки.

„Ширитот и златниот извез, т.е. црвената и жолтата боја ги означуваат националните бои на Северна Македонија. На врвот на ширитот се наоѓа знакот на Дружбата Исусова која е претставена со огнено сонце на кое со црвена боја е испишан монограмот IHS. Над буквата H се издигнува крст, а под монограмот се наоѓаат три клинци во црна боја. Од него излегуваат пет златни црти кои ги означуваат петте Исусови рани, Исусовата апсолутна жртва на крстот. На тие црти се распоредени цветови од нард кои го симболизираат св. Јосиф, заштитникот на сеопштата црква. Извезот завршува на дното со ѕвезда која ја симболизира Пресвета Дева Марија, Мајката Христова и Мајката на Црквата. Одзади се повторува истата симболика, само наместо знакот на Дружбата Исусова има монограм, иницијалите на Исус Христос со алфа и омега. Монограмот IHS, ѕвездата и нардовиот цвет се преземени од папскиот грб, а тие се повторуваат како на мисницата така и на митрата и штолата“, пишува од официјалната страница креирана за посетата на папата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...