Над 300 новинарски екипи го следат папата во Скопје, „Ватикан њуз“ пренесува во живо

216

Сите активности од посетата на папата Франциск на земјава денеска во живо, како и со текст и фотографии ги пренесува Ватикан њуз, официјалната медија мрежа на Светата столица.

Информациите се објавуваат и на македонски јазик, а преносот оди и на Јутјуб каналот на Ватикан њуз.

Посетата на папата предизвика голем интерес и кај многу странски медиуми.

Над 300 новинарски екипи се акредитирани да ја следат посетата на папата Франциск и за нив е обезбеден медија центар со тв студио, како и простор за известување на сите активности на Папата. 

Странските новинари сметаат дека ова е историска посета на папата Франциск на Скопје.

За Ен Харис од Новинската организација КРАКС во Рим, која првпат е во нашата земја, и заедно со папата Франциск пристигна во земјата со неговиот авион, ова е очигледно  историска посета не само од перспектива на Ватикан, туку има и политички предзнак во врска со случајот.

– Ова е прва посета на папата Франциск на вашата земја. Во време на изборите и неодамнешната промена на името, со што се разрешија некои конфликти. Остануваат уште некои прашања што треба да бидат решени – вели новинарката Харис.

Во однос на атмосферата во центарот нагласува дека во секој прес центар, каде и да оди во светот, за ваква значајна посета, има лудост.

-За нас многу се важни лицата за врски, ни покажуваат каде е кафето, каде има интернет и со тоа ние сме задоволи – вели Харис.

Новинарката Софија Пападопулу од атинската АНА-МПА смета дека посетата на папата Франциск е во време кога Северна Македонија се движи по патот на европската интеграција.

Досегашната порака, вели таа, е важна бидејќи мултиетничкиот и мултирелигискиот карактер на земјата може да биде модел за другите места во регионот и во исто време.

– Доаѓа по Преспанскиот договор и по решавањето на проблемот со Грција и Северна Македонија и тука има порака – оцени новинарката од Атина.

Според неа, очекуван е огромен меѓународен интерес на медиумите кога е во прашање посета на папата.

– Добро е што во земја каде има само еден процент католици, има големо покривање од медиумите – вели Пападопулу.

За Фани Кариси, од порталот grtimes од Солун, ова е историска посета не само за Северна Македонија, туку и за целиот Балкан.

– Многу е интересно, од политичка гледна точка, за нашите две земји, кои имаат многу подобри односи од изминатите години. Се надевам дека Северна Македонија ќе има подобри резултати во економијата – рече Кариси.

Оваа посета има регионално значење, оцени Ивана Секуларац од Ројтерс Балкан.

– Посетата на папата Франциск е многу важна за Северна Македонија, бидејќи може да се каже дека е втор човек во светот по значење, по Трамп, и во таа смисла е историска. Доаѓа во момент кога Македонија воспостави добри односи со соседите, ги поправи односите со Грција и со Бугарија, со добри односи со соседите од поранешна Југославија. Оваа посета на некој начин е рефлектирање на стотина – изјавува таа.

Оваа слика од Скопје, истакна, ќе ја види целиот свет и целиот свет ќе слушне за Скопје.

– Папата во Скопје не зборува само за улогата на Северна Македонија, туку и за улогата на сите шест земји од Западен Балкан. Во таа смисла, оваа посета има регионална важност – изјави колешката од Ројтерс Балкан.

Во прес-центарот, за новинартите, истакна, најважен е интернетот, што тука одлично функционира и колегите од ТВ имаа добар сигнал. Има многу кафе и вода. Целосно сме задоволни, изјави Ивана Секуларац.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...