За повеќе туристи угостителите бараат подобри закони

198

Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија порачува дека се неопходни интервенции во законската регулатива за поголеми економски ефекти во туризмот.

Се предлага во Законот за туристичка дејност да се направат следниве измени: лиценцата за туристичка дејност да се реобновува, на периодот од две/три години, да се оневозможи туристички агенции со „Б“ лиценца да вршат услуги како да имаат „А“ лиценца, наместо лиценци „А“ и „Б“, да постојат туроператори, односно организатори на патувања и продажни агенти или туристички агенции кои само ќе ги продаваат аранжманите изработени од туроператорите, односно организаторите на патувањата, да постои само банкарска гаранција како услов за давање лиценца, не и осигурителна полиса; да се воведе осигурување на аранжманите, за да се обезбеди уште поголема самоконтрола на работата на туристичките агенции; усогласување на Законот за туристичка дејност и Законот за превоз во патниот сообраќај; промена на Правилникот за субвенционирање, односно допрецизирање на одредени членови од Правилникот за начинот, видот и висината на субвенциите; измени и на општите услови за патување, следејќи ги меѓународните прописи и стандарди согласно трендовите; легитимацијата за туристички водич да прерасне во лиценца, за чие добивање ќе бидат потребни многу поголемо познавање во областа, завршени обуки.

Во Законот за угостителска дејност се предлага категоризација на сите угостителски објекти за сместување согласно дефинирање на поимот угостителски објекти за сместување (хотел, мотел, пансион, туристички апартман, планинарски и ловни домови и сл.). Во Македонија постои само Правилник за категоризација на хотели, мотели и пансиони. Оттука, драстично расте интересот за регистрирање апартмани за кои не постои категоризација; промена на моделот на категоризација; категоризација на сите угостителски објекти за исхрана (ресторани, гостилници, ресторани за самопослужување, експрес – ресторани, киосци, млечни ресторани, ресторани бавчи, летни бавчи, кебапчилници, бистро, пицерии, објекти за брза храна и слично).

Постои Регистар на категоризирани ресторани (согласно кој има регистрирани 88 национални ресторани), но нема регистар на гостилници, ресторани за самопослужување, експрес – ресторани, киосци, млечни ресторани, ресторани бавчи, летни бавчи, кебапчилници, бистро, пицерии, објекти за брза храна и слично. Нема ниту достапна информација колку угостителски објекти се регистрирани за исхрана надвор од моделот на категоризација.

Поради посочените слабости, се бара промена на моделот на категоризација на објектите за вршење угостителска дејност, особено на гостилници, ТП друштва и сите други видови угостителски објекти за исхрана, како и решавање на проблемот со кетеринг – компаниите кои работат во несоодветни услови, нерегистрирани и се сериозна нелојална конкуренција на правните субјекти кои работат во угостителската дејност.

Истовремено се укажува дека постојат различни казнени одредби за различни форми на правни субјекти кои се занимаваат со угостителска дејност, поради што се бара нивно усогласување, односно за сите форми на правни субјекти да постојат исти обврски и казнени одредби.

Најбројни гости во Македонија се Турците

Во периодот јануари – декември 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 16,6%. Кај домашните туристи има зголемување за 6,3%, а кај странските за 23,5%. Бројот на ноќевањата во истиот период е зголемен за 12,8%. Кај домашните туристи има зголемување за 5,2%, а кај странските за 22,8%.

Анализирано по земји, Турција останува земјата од којашто најголем број туристи ја посетиле Македонија, втора е Србија, а потоа следуваат Грција, Бугарија, Холандија, Албанија, Косово, Германија, Хрватска, Полска, Италија, САД, Израел, други азиски земји и Кина.

Од аспект на реализирани ноќевања во Република Македонија, најбројни се повторно турските туристи, потоа холандските, а меѓу петте земји од коишто туристите реализирале најмногу ноќевања се и Србија, Грција и Бугарија.

Лани туристите донеле 326,9 милиони долари 

Девизниот приход од туризмот е во континуиран пораст. Во 2017 година споредено со 2010 година, кога започна процесот на субвенционирање на странските туристи, девизниот приход реализира раст од 65,7 проценти и изнесува 326,9 милиони американски долари во 2017 година.

Учеството на туризмот во бруто домашниот производ изнесува 2,2%. Статистичките податоци и анализите покажуваат позитивни трендови на развојот на туризмот во домашната економија, што во најголем број случаи се должи на субвеницонираната поддршка на туроператорите кои носат странски туристи и субвенционирањето на нискобуџетските авионски линии. Сепак, за долгорочен развој на туризмот како сериозен чинител во домашната економија постојат серија прашања на кои треба да се работи во следниот период.

– Во таа насока, Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија порачува дека се неопходни интервенции во законската регулатива за поголеми економски ефекти во туризмот. Интервенциите се потребни на неколку полиња – посочи Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Се бара контрола врз „Bоoking“ и „Airbnb“

Со цел регулирање на работата на правните субјекти во насока на елиминирање на нелојалната конкуренција и „сивата“ економија, се препорачува да се работи на соодветен модел на контрола на инспекциските служби во продажбата на аранжмани преку „Bоoking“, „Airbnb“ – системите и другите форми на „on-line“ продажба на угостителски услуги.

Oсвен поради несоодветна категоризација на сите угостителски објекти, проблемите настануваат и поради oтсуство на соодветен систем на следење на работата на физичките лица кои се регистрираат за вршење угостителска дејност за сместување на локално ниво, како и поради продажбата на аранжмани и услуги за ноќевање од некатегоризирани правни субјекти.

Кинеските туристи се најбројни во светот, а ние им бараме визи

Проблеми постојат и поради несоодветни визни олеснувања со Кина и земјите од ГОЛФ-регионот. Проекциите на светската туристичка организација се дека 10 проценти од глобалниот БДП се креира од туризмот, 30 отсто од извозот на глобални услуги. Европа останува најпосетениот регион во светот. Меѓународниот туристички пазар се очекува да расте со 3,3 отсто на годишно ниво помеѓу 2010 и 2030 година и да достигне 1,8 милијарди туристи до 2030 година. Туризмот е дефиниран како трета брзорастечка индустрија во светот.

Македонија на светската карта на туризмот учествува со помалку од 0,1%, но како дел од регионот можностите за развој на секторот се далеку поголеми.

– Светските трендови покажуваат дека расте интересот на туристи пред сѐ од Азија. Од Кина, 135 милиони туристи на годишно ниво излегуваат од земјата. Проценките се дека трошат 330 милијарди американски долари на годишно ниво. Во регионот на Западен Балкан, сѐ поголем е интересот и на туристи од ГОЛФ-земјите. За таа цел, соседните држави, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово имаат направено сериозно релаксирање на визниот режим со овие земји, од коишто туристи патуваат во регионот на кружни тури. Здружението веќе одреден период во официјална комуникација со Министерството за надворешни работи, укажува на трендот во регионот и доколку Македонија не направи релаксирање на визниот режим, ќе остане надвор од глобалниот балкански туристички пазар – посочи Славе Сирачевски, заменик-претседател на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

Македонија нема стратегија за туризам

Согласно статистиката, земјите во регионот остваруваат значително поголем девизен прилив од Македнија во делот на туризмот.

Македонија сѐ уште нема стратегија за туризам. Во моментов постои финална верзија на Предлог-стратегијата, која веќе 2 години е во фаза на таков документ. Сепак, и во неа е констатирано дека туризмот во Макеоднија се соочува со повеќе проблеми, како што се класификација на хотелите, туристички ознаки, субвенции за туроператорите, субвенции за авиопревозниците, визната политика или генералната инфраструктура.

За таа цел, потребно е да се подобри општата инфраструктура, што подразбира освен патишта, струја, отпадни води, канализации и сл., да се дефинираат идни тела одговорни за развој на туризмот на национално ниво, како и тело за координација на сите активности поврзани со туризмот, заради избегнување паралелни активности. Потребни се и посебни стратегии за образовниот систем во дејноста, како и поттикнување на свеста на локалното население.

Општиот заклучок е дека проблемите можеби и навистина се реално нотирани, но она што недостасува во Предлог-стратегијата е дека таа предвидува нови 8 стратегии за работите да може да се придвижат во позитивна насока. Тоа значи дека вака дефинирана стратегија во рокот за кој се однесува до 2021 година, следејќи го Акциониот план, нема да може да даде позитивен исход, дотолку повеќе што сега е 2018 година, а таа сѐ уште не е усвоена од Владата на РМ и е во форма на финална верзија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...