Во Белгија полициска акција против продажба на автомобили на интернет

Станува збор за криминална организација која делува на цела белгиска територија и измамила повеќе белгиски граѓани, а евидентирани се и случаи на закани и насилство.

257

На цела територија на Белгија од утрово се одвива масовна полициска акција против организирана криминална група која нелегално продавала автомобили на интернет.

Над илјада полицајци се мобилизирани од синоќа во цела држава, а приведени се триесет лица во рамките на оваа операција, информираат од Јавното обвинителство.

Според медиумите, акцијата се води во ромската заедница и се однесува на предмет поврзан за нелегална продажба на автомобили на интернет.

Се користат дронови и хеликоптери за помош на полициските екипи на терен, информира полицијата, а мобилизирани се и специјални единици за поддршка, како и членови на жандармеријата на соседна Франција, бидејќи дел од операциите се водат на граница со оваа држава.

Според Јавното обвинителство станува збор за криминална организација која делува на цела белгиска територија и измамила повеќе белгиски граѓани, а евидентирани се и случаи на закани и насилство.

Обвинителството се очекува да соопшти повеќе информации кон крајот на денешниот ден.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...