Крајот на сидата на повидок?

347
ФОТО: EPA / CHRISTIAN BEUTLER

Крајот на епидемијата на СИДА може да биде на повидок откако важна студија покажа дека мажите кај кои ХИВ инфекцијата е целосно потисната од антиретровирусни лекови не можат да ги заразат своите партнери. Успехот на овој лек значи дека инфекцијата повеќе нема да се шири ако сите ХИВ заразени лица добиваат целосен третман. Кај речиси 1.000 машки двојки низ Европа, кај кои еден од партнерите е заразен со ХИВ и добил третман за уништување на вирусот, немало случаи на пренесување на инфекцијата на ХИВ-негативниот партнер за време на сексуален однос без кондом. Иако 15 мажи биле заразени со ХИВ за време на едногодишното истражување, ДНК-тестирањето покажало дека тоа се должи на сексуални односи со други луѓе кои не биле вклучени во третманот, пишува британскиот дневен весник „Гардијан“.

– Ова е фантастично! Ова откритие во голема мерка го решава прашањето за СИДА-та, – вели професорката Алисон Роџерс од Лондонскиот универзитетски колеџ, ко-автор на делото објавено во медицинското списание „Лансет“.

Претходните студии, исто така, укажуваа дека третманот ги штити хетеросексуалните двојки кај кои еден од партнерите има ХИВ.

Нашите наоди даваат убедливи докази

– Нашите наоди даваат убедливи докази дека кај хомосексуалните мажи кои примаат супресивна антиретровирусна терапија ризикот од пренесување на ХИВ е нула. Овие наоди ја поддржуваат пораката на меѓународната кампања У = У дека немерливото вирусно оптоварување, односно ниското ниво на вирус во крвта, го прави вирусот ХИВ непренослив. Оваа моќна порака може да помогне да се спречи пандемијата на ХИВ преку запирање на ширењето на ХИВ и решавање на проблемите со стигмата и дискриминацијата со која се соочуваат многу ХИВ позитивни лица – рече професорката Роџерс и додаде:

– Отсега треба да се направат уште поголеми напори за ширење на оваа моќна порака и да се обезбеди дека сите ХИВ-позитивни луѓе имаат пристап до тестирање, ефективна терапија и поддршка и грижа за да можат да помогнат во одржувањето на вирусното оптоварување под мерливите нивоа.

Во 2017 година во светот имаше 40 милиони луѓе со ХИВ

Во 2017 година во светот имаше околу 40 милиони луѓе со ХИВ, од кои 21,7 милиони биле на антиретровирусна терапија. Се проценува дека во Велика Британија живеат 101.600 луѓе со ХИВ, од кои околу 7.800 сè уште не знаат дека се ХИВ позитивни.

Мајрон С.Коен од УНЦ Институтот за глобално здравје и заразни болести во Џапел Хил во американската сојузна држава Северна Каролина во коментар за студијата вели дека треба да се поттикне светот кон стратегија за тестирање и лекување на секој кој има ХИВ. Но, додаде дека максимизирањето на бенефитот од терапијата за хомосексуалните мажи носи потешкотии.

– На луѓето не им е секогаш едноставно да дојдат до тест за ХИВ. Покрај тоа, постојат стравувања, стигма, хомофобија и други неповолни социјални околности кои сè уште го компромитираат третманот на лекување од ХИВ. Дијагностицирањето на ХИВ е тешко во раните фази на инфекцијата, додека ширењето е многу ефикасно и ова ограничување ја компромитира терапијата како средство за превенција – рече Коен.

Од Британците 97 проценти кои примаат терапија за ХИВ не можат да го шират вирусот

Според Националниот фонд за СИДА, 97 проценти од луѓето во Обединетото Кралство кои примаат ХИВ терапија имаат немерливо вирусно оптоварување, што значи дека не можат да го шират вирусот.  – Овие новини се исклучително зајакнувачки и охрабрувачки за луѓето кои живеат со ХИВ, вели Дебора Голд, извршен директор на организацијата.

Неодамнешните наоди ја потврдуваат важноста на редовното тестирање за ХИВ, кое во иднина може да доведе до спречување на ширењето на вирусот. Бројот на нови дијагностицирани случаи постепено се намалува од крајот на 2005 година, а бројките од 2017 година се за 17 проценти пониски отколку во 2016 година и 28 проценти во споредба со 2015 година. Доцното дијагностицирање останува голем предизвик. Тоа се случува кај 43 проценти од новите дијагнози. Тоа непропорционално влијае на одредени групи, како што се хетеросексуалните мажи од Африка и луѓето над 65-годишна возраст.

Проблем со финансии

– Ако не го намалиме бројот на задоцнети дијагнози, секогаш ќе има такви кои не се свесни за нивниот ХИВ статус и кои поради тоа не пристапуваат кон терапија. Сметаме дека резултатите од ова истражување би можеле да бидат исклучително моќни во рушењето на бариерата за тестирање во заедниците каде што има уште многу стигми за ХИВ – рече Дебора Голд, додавајќи дека намалувањето на владиното финансирање за специјализираните здравствени служби може да го отежни постигнувањето на целта до 2030 година да се елиминира ширењето на ХИВ.

Јенс Лундгрен, професор за инфективни болести на Свеучилиштето во Копенхаген е еден од лидерите на студијата под името „Партнер“, вели: Сега обезбедивме убедливи научни докази дека терапијата ефикасно спречува натамошно ширење на ХИВ преку сексуални односи.

Важноста на овие наоди е непроценлива

Доктор Мајкл Бреди, медински директор на Теренс Хигинс Траст, вели: Важноста на овие наоди е непроценлива. Студијата „Партнер“ ни даде основа да се каже без сомнение дека луѓето што живеат со ХИВ и примаат ефективна терапија не можат да го пренесат вирусот на своите сексуални партнери. Тоа ќе има неверојатно влијание врз животот на луѓето со ХИВ и ќе испрати силна порака кога станува збор за стигмата околу ХИВ.

Брус Ричман, основач и извршен директор на Prevention Access Campaigna (PAC), организација која ја покрена кампањата У=У, вели дека тие се многу благодарни на истражувачите и учесниците. Ричман вели дека студијата „го променила животот и љубовта на тие со ХИВ во целиот свет“.

Во коментар во врска со споменатото списание, Коен изрази оптимизам во врска со третманот на СИДА во иднина: „Во текот на овие испитувања, антиретровирусните лекови станаа поефикасни, посигурни, подолготрајни, полесни за земање и поднесување, и многу поевтини. Резултатите станаа уште еден катализатор за универзална стратегија за тестирање и третман со која во целост ќе се искористат сите предности на антиретровирусните лекови. Овие и други стратегии нè туркаат кон исчезнување на СИДА-та“.

Веќе десет години не може да се шири вирусот

Алекс Спаровхак (34) живее со ХИВ веќе десет години. Кога вирусот му беше дијагностициран во ноември 2009 година, тој имаше две главни грижи – како статусот на ХИВ позитивен ќе влијае на неговата работа како финансиски аналитичар и што тоа ќе значи за неговите идни односи.

– Во тоа време бев сам и само размислував што да направам. Тешко беше да се одлучи кога да им се каже на луѓето и како тоа да им се соопшти – вели Алекс, кој веднаш започна со антиретровирусна терапија.

На почетокот земал четири таблети дневно, но по неколку месеци неговото вирусно оптоварување паднало на незначително ниво и продолжил да зема само една пилула дневно. Најновите наоди потврдуваат дека веќе девет години не можел да го пренесе вирусот на други, но во последниве години лекарите не биле толку сигурни во своите совети.

Од дијагностицирање до денес Алекс шест и пол години бил во врски и вели дека можноста да се пренесе ХИВ вирусот на партнер, без разлика колку е мала, сè уште е извор на анксиозност: „Тие ми кажаа дека веројатноста е мала или дека преносот на вирусот е возможен само под одредени околности, на пример, ако има други сексуални инфекции, но бевме постојано загрижени поради овие предупредувања и заедно поминувавме низ таа загриженост. Сега можеме да кажеме дека не постои ризик, што е многу охрабрувачко. Симнавме огромен товар“.

Алекс се надева дека резултатите од истражувањето ќе помогнат да се променат ставовите на јавноста за ХИВ и да се доведат во согласност со медицинските докази.

– Многу стигма е последица на стравот од изложеност на ХИВ. Луѓето сѐ уште мислат дека можат да се заразат со бакнежи и секојдневен контакт. Ако повеќе луѓе знаат за оваа студија, тоа ќе се промени – изјави Алекс за „Гардијан“.

ФОТО: EPA / CHRISTIAN BEUTLER

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...