Сите списи од судскиот процес за случајот „Тенк“, каде бегалецот Никола Груевски е осуден на две години затвор, конечно стигнаа во рацете на Врховниот суд.
Експремиерот до највисокиот суд поднесе барање за вонреден правен лек односно за преиспитување на пресудата. Врховен може да ја потврди, преиначи или укине пресудата и да го врати предметот на повторно судење.
Од овој суд потврдуваат дека ги добиле материјалите, велат дека седници се одржуваат редовно, но кога случајот ќе дојде на дневен ред не можат да потврдат.
Вонреден правен лек Груевски бараше уште пред да избега во Будимпешта, но оригиналите од материјалите за случајот „Тенк“ не можеа да се испратат од Кривичен до Врховен, бидејќи списи од предметот се наоѓаа во Апелацискиот суд каде се одлучуваше за жалбата на поранешната министерка Гордана Јанкулоска која исто така е осудена на четири години затвор.
– Ние како суд претходно неколку пати се обративме до Врховниот суд со предлог да се достават фотокопии од предметот по кој постапуваше Апелацискиот суд, како не би се одолговлекувала постапката, но не добивме повратен одговор – велат од Кривичен.
И во случај Врховен да му ја укине пресудата на Груевски, тој не може да се врати во Македонија и да се шета слободно бидејќи за него во пет други предмети е определена мерка притвор.
Инаку, вондреден правен лек до највисокиот суд бара и Јанкулоска. За неа, најновите информации од денеска се дека нема да отиде во затвор до 1 јули.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI