Го прегрмевме и тоа чудо од претседателски избори. Без тепачки, без потешки инциденти, малку трапав процес, преполн со вообичаените фолклорни (националистички) елементи, но слободен. По долго време, видовме една заслужена изборна победа на претседателски избори. За новиот Претседател на Република Северна Македонија лично, ова е победа со посебно значење, откако на претходните, украдени избори во 2014 година, беше елиминиран заедно со демократијата во земјата. Редно е да му се честита и нему, но и на сите заедно.
Беше посебно чувство да се биде во прес центарот на ЦИВИЛ и да се има време за долга пауза за ручек. Во еден момент, за време на една од прес конференциите ми стана смешно. За прв пат, по многу долго време, кажував броеви на избирачки места, каде што „нерегуларност“ беше тоа што членовите на избирачките одбори не носеле беџ за идентификација. Се разбира, имаше и едно чудо помали и поголеми проблеми, некои гротескни, некои крајно неприфатливи, но за тоа, ако ми дозволите, ќе ви пишувам во деновите пред нас. Во целост, малку здодевен ден, наспроти неколку ситуации што ценевме дека се донекаде ризични и дека се дел од сценарија што до крајот на гласањето, сепак, не беа ставени во погон.
Како и да е, без оглед на контекстите, луѓето се уморни од избори. Уште денеска, повеќето ќе ги продолжат своите животи подалеку од бескрајните кампањи. Се разбира, не веднаш. Прво ќе излезат едно чудо вицеви на сметка на губитниците, а подалеку од погледите, секако, ќе биде кеширањето.
Освен неколкудневната забава со потсетување на сите гафови и глупости во текот на кампањата, неизбежно, ќе слушнеме и прочитаме безброј анализи. Повеќето анализи ќе бидат додворувачки и „ас се борех“, други ќе служат за самозадоволување, а трети, пак, најмалку слушнатите, ќе се обидат да влезат во суштината на проблемите, да дадат некоја насока, да потсетат… Но, кому му се потребни суштински анализи? Тие нѐ потсетуваат дека имаме уште многу работа да стасаме до „кристално чисти избори“…
Деновиве, едни ќе си ги лижат раните, на сите можни начини ќе се обидуваат да си ја олеснат болката и да избегнат одговорност за брзиот трк наназад и надолу. Другите, ќе го пролонгираат победничкиот оргазам, со безброј изговори дека и утре има ден (за работа). Новиот претседател, знаејќи го, веќе се фрлил на работа за преземање на функцијата во која, што и да (не) направи, ќе биде неспоредливо подобро во споредба со неговиот претходник.
Додека „денот потоа“ изминува, во погон се ставаат панични планови во погон за спас на политичкиот задник (образ и онака немаат) на тие што изгубија уште една битка за одвраќање од македонскиот „пат кон иднината“. Сепак…
Денеска е првиот ден кога почнува исполнувањето на ветувањата. Или „заборавањето“. Ветувањата се „документ“ што често трпи толку многу анекси што на крајот не се препознава… Се разбира, секогаш е поисплатливо да се „заборават“ ветувањата, по можност, во истиот момент додека се изговараат. Но, некако, луѓето се сѐ помалку склони кон заборавање.
Денеска започнува и исплатата на политичките фактури.
Кој гласаше за Пендаровски, а кој за Силјановска. Зошто не гласаа овие, а гласаа оние? Чии Албанци гласаа за Пендаровски? Ајде, прво, чии се Албанците? На Али Ахмети, на Зијадин Села, Африм Гаши, Зоран Заев или на Мендух Тачи. Добро, секако знаеме чии не се. Добро, неколку Албанци сигурно се и на Тачи, отприлика исто колку што ДОМ има членови, на пример. Ама, другиве Албанци чии се? А Македонците, чии се? На Мицкоски или на Груевски? Овој Заев им ја ремети математиката на сите, па и на дел од неговите сопартијци, бидејќи за него сите се граѓанки и граѓани… Како тоа? Па, никако не смее да се дозволи луѓето да бидат свои! Тие не смее да бидат слободни, туку мора да му припаѓаат некому, како жетони на коцкарска маса.
Калкулациите и надмудрувањата се започнати уште ноќта додека се броеја гласовите. А фактурите пристигнуваат и се трупаат на трпезаријата на моќта… Сигурен сум дека е познато кој ќе го плати цехот.
И… Од сите прашања и анализи, лесно ќе биде да се заборави на најважното, а тоа е изборниот систем кој, благо речено, не е во добра состојба. Ќе се сетиме на тоа кога ќе биде доцна, во предвечерието на следните избори.