Заедницата на Ромите, и од православна и од муслиманска вероисповед, денеска го празнуваат Ѓурѓовден. Православните христијани го слават денот на свети Ѓеорѓиј Победоносец или Ѓурѓовден, додека кај Ромите е познат како Херделези.
Ѓурѓовден е еден од најзначајните празници со кој припадниците на ромската заедница го слават доаѓањето на пролетта, будењето на земјата, плодноста. Инаку Херделези, Ромите го слават како народен, а не како верски празник, но секако со многу интересни и бројни обичаи, со кои ја испраќаат зимата и го слават доаѓањето на пролетта. Во минатото, Ромите со овој празник го одбележувале крајот на зимата и со доаѓањето на пролета, ги земале чергите и повторно поаѓале на пат.
Подготовките за овој голем празник, Ромите го почнуваат еден ден претходно, а главен обичај се плетење венчиња од растенија, миење со билки и капење во река. Навечер или пред зора, некој од домашните во блиската шума собира зелени гранчиња и со нив ги украсува прозорците и вратата на куќата. Обичај е да се плетат венчиња „ѓурѓовденски цвеќе“, кои стојат над вратата се до следниот Ѓурѓовден.
Наутро, пред зора, станува најстариот член на семејството, без разлика дали е татко или мајка, се мие надвор, зема гранче од дрен и ги буди останатите членови со лесен удар за да бидат „здрави како дрен“. Потоа почнува славењето со музика, игра, а за Ѓурѓевден треба да има што побогата трпеза. За Ѓурѓовден се подготвува богат ручек кој неизбежно содржи младо јагне, и традиционалната баклава. А од денес па се до Митровден, се јадат најразлични зелени салати, и се прават свадби за младите момци и девојки. Според етнолозите, Ѓурѓовден како празник има обединувачка моќ бидеќи е тоа повеќе народен, отколку верски празник, со многу обичаи и обреди.
Според народните верувања, ако на Ѓурѓовден е ведро небото, тогаш годината ќе биде плодна, а доколку на овој празник и утредента врне дожд, тогаш летото ќе биде сушно.
ФОТО: МИА