Многу сакам кога некој ќе ми рече дека нешто е невозможно, дека не може да биде направено. Тоа се оние најубавите предизвици, да се направи навидум невозможното. Се разбира, на крајот излегува дека невозможното и не било баш невозможно. Во тој контекст, многумина ми имаат кажано дека македонската економија не може да се дотера, да се стави на патека на брз раст, дека за тоа постоеле најразновидни причини, итн.
Прилично илустративен одговор за таквите тврдења е да се погледнат искуствата на други земји, тоа служи како мошне ефектна показна вежба. Да видиме што може една земја да направи за период од, да речеме, 25 години.
Постојат 13 земји што во период од 1950 до 2005 години, во 25 или повеќе последователни години во просек имале економски раст од најмалку 7% годишно. Да подвлечеме, 25 или повеќе последователни години, во просек економски раст од најмалку 7% годишно!! Фасцинантната работа тука не е што е постигната висока стапка на раст од 7% годишно, туку што таа е одржана толку долг период.
Кои се тие земји и дали имаат одредени сличности? Тие земји се Боцвана од Африка, Бразил од Јужна Америка, Малта од Европа, Оман од Блискиот Исток и 8 земји од Азија, Хонг Конг (Кина), Јапонија, Сингапур, Јужна Кореја, Малезија, Индонезија, Тајланд, Тајван. Како што може да се види, земјите доаѓаат од најразлични делови на светот. Ги има со големо население (Кина) и мало население (Малта). Некои имаат природни богатства (Оман, Боцвана, Индонезија, Малезија), некои немаат природни богатства. Значи, групата е хетерогена и економскиот успех не зависел од случаен сплет на околности во одредена индустрија или во некој дел од светот туку бил резултат на систематизиран пристап.
Што ги карактеризизирало економските развојни политики на овие земји?
Прво, макроекономска стабилност изразена преку ниска инфлација и одржливи јавни финансии.
Второ, земјите имале високи стапки на штедење и на инвестиции. Притоа, регистрирани се импресивни стапки на јавни инвестиции во три основни области: инфраструктурата, образованието, здравството.
Трето, земјите оставиле пазарите примарно да ги алоцираат ресурсите што значи дека се воздржале од заштита на посебни индустрии, фирми, и сл. Но, истовремено владите не биле робови на теоријата за слободни пазари, воделе индустриски политики, ама со интенција тоа да биде привремено, а не трајно.
Четврто, економските политики ги дизајнирале и реализирале посветени, кредибилни и способни влади. Патем, биле формирани мали „тимови за реформи“ составени од високо квалификувани технократи.
Петто, висок приоритет бил ставен на тоа економскиот раст да биде инклузивен за да го почувствуваат што повеќе луѓе.
Шесто, развојните стратегии и нивната имплементација морале да ги избегнат стапиците на политичките елити, морало да се гради единство помеѓу лидерствата на политичките партии околу развојните цели.
Седмо, економските политики биле дизајнирани со долгорочен временски хоризонт.
Осмо, во текот на процесот силен акцент бил ставен на градењето институции.
Деветто, земјите не се плашеле од структурна трансформација на националната економија.
Ваквите економски политики произвеле импресивни резултати. Високиот раст во Боцвана траел 45 години, во Јужна Кореја 41 година, во Сингапур 35 години, итн. Ефектите од долгогодишниот висок раст за секоја поединечна земја се просто фасцинантни. Во Јапонија (висок раст во периодот 1950-1983 година) доходот по жител се зголемил од 3.500 на 39.600 американски долари, во Сингапур (1967 – 2002 година) од 2.200 на 25.400 американски долари, во Јужна Кореја (1960-2001 година) од 1.100 на 13.200 американски долари, итн.
Не успеале сите спомнати земји да стигнат до нивоата на доход на индустриски развиените земји. Успеале Сингапур, Јужна Кореја, Јапонија, Хонг Конг (Кина), Малта. Другите се соочиле со пречки што предизвикале напуштање на патеката на супербрз економски раст.
Без оглед на сé, на крајот се поставува прашањето дали вакво нешто може да се направи во нашата земја. Мојот одговор е оној од почетокот на текстот: нема невозможни работи! Гледаме што може да се направи со економијата на една земја во период од 25 години. Да се потсетиме дека од осамостојувањето на земјава досега поминаа 27 години.
Авторот е главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања.