Во четвртокот на гробиштата во Рума, Србија, бил погребан 59-годишниот Небојша Петровиќ, кој бил осуден за брутално злосторство во 1998 година. Тој ја убил, па ја запалил 22-годишната студентка Марија Ливада. За ова дело му се судело цели 12 години, пренесуваат српските медиуми.
Таткото на Марија, 72-годишниот Ѓорѓе кажал дека никогаш не го прашал убиецот зошто го извршил злосторството, бидејќи немал сили за тоа.
Веста дека Петровиќ починал по долга и тешка болест (добил рак на кожата), на Ѓорѓе не му донела ниту мир, ниту спокој.
– Секој го добива тоа што го заслужил. Јас морав да продолжам со животот поради мојот син. Не ми беше лесно ниту тогаш, ниту сега. Морав да се борам со тоа. Го гледав по градот по неговото излегување од затворот. За среќа, директно не се сретнавме – рекол Ѓорѓе.
Тој додал дека повторно се родил пред 13 години, по раѓањето на неговата внука.
Со реконструкција на настанот, се утврдило дека убиецот кобната ноќ ѝ пукал на Марија во главата. По убиството, нејзиното тело го замотал во тепих, па го ставил во гепекот од неговиот автомобил. Го однесил телото подалеку, испукал уште пет куршуми во него, па го запалил.
Не се знае кој бил мотивот за ова злосторство.