Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го обвини Израел за тероризам, откако канцеларијата на турската новинска агенција Анадолија во Појасот Газа беше уништена за време на конфликтот меѓу израелските сили и палестинските екстремисти, пишува „Гардијан“.
Борбите продолжуваат повеќе од 24 часа. Преку 450 проектили беа истрелани од Појасот Газа во Израел, а израелската армија порази повеќе од 200 цели во Газа. Најмалку двајца Израелци и осум Палестинци загинаа. Премиерот Бенјамин Нетанјаху и нареди на армијата да ги засили нападите.
– Остро го осудуваме израелскиот напад врз канцеларијата на агенцијата Анадолија во Газа – напиша Ердоган на Твитер.
Тој се закани дека Турција и Анадолија ќе продолжат „да го информираат светот за израелскиот тероризам и злосторствата во Газа и во другите делови на Палестина и покрај овие напади“.
Израелската армија соопшти дека во саботата бомбардирала зграда во Газа, во која имало канцеларии на военото разузнавање на Хамас.
ФОТО: EPA / ERDEM SAHIN