Им честитам на сите припадници на Министерството за внатрешни работи кои што и овој пат како и пред две недели, крајно одговорно беа на висината на задачите, овозможувајќи целиот процес да протече спокојно и безбедно, согласно сите законски прописи, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој оцени дека изборите поминале во мирна атмосфера, без поголеми нарушувања на изборниот процес.
Тој им честиташе на граѓаните на покажаната висока свест за значењето на изборите и нивниот демократски карактер.
Спасовски оцени дека имало незначителен број неправилности кои не влијаеле врз целиот изборен процес.
– Досега регистрирани се три случаи на фотографирање на гласачко ливче, во Другово Кичевско, во Скопје и во Неготино. Против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави. Евидентиран е случај во Неготино каде едно лице при гласање во еден од параваните со пенкало избришал бројка. Пријавени се четири случаи за наводно агитирање и по преземените мерки утврдено е дека пријавите се неосновани. Евидентирани се и две пријави за организирано носење гласчи, при што во едниот случај на избирачко место во Битола е утврдено дека пријавата е неоснована, додека за случај во Кочани се преземаат мерки за расчистување на случајот – изјави Спасовски.