Ако по Велигден има седница за недоверба на Владата, ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати за реформскиот пакет

Доколку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе иницијативата за интерпелација на Владата пред Велигден, седницата да биде закажана на 10 април, а веднаш потоа на 11 април да биде закажана седницата за реформските закони. 

625

Седницата на Собранието на која ќе се најдат реформските закони треба да се одржи на 10 или 11 април. Ова е еден од заклучоците на денешната средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи, на која не присуствуваше претставник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Враќањето на опозицијата во работата на Парламентот беше најавено синоќа од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, но како што посочуваат од пратеничката група, тие ќе се вратат во Собранието со една точка, а тоа е интерпелацијата на Владата.

Очекувањата се дека деновиве ВМРО-ДПМНЕ ќе го изготви предлогот, но не се знае кога ќе биде доставен до архивата на Парламентот. Седницата треба да биде закажана најдоцна во рок од три дена по поднесувањето.

Од ВМРО-ДПМНЕ, сепак, велат дека нивните очекувања се дека седницата за недоверба на Владата би била по велигденските празници.

Дали ќе учествуваат на седницата со реформските закони, за кои Мицкоски синоќа рече дека речиси се усогласени, оттаму велат дека ќе учествуваат доколку претходно се одржи седницата за интерпелација на Владата.

Тоа би значело дека доколку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе иницијативата за интерпелација на Владата пред Велигден седницата да биде закажана на 10 април, а веднаш потоа на 11 април да биде закажана седницата за реформските закони.

Од владејачкото мнозинство брифираат дека сакаат овие закони да бидат донесени до 13 април, пред Извештајот за напредокот за земјата на 17 април.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...