Јонкер: ОБСЕ неколку пати препорачуваше да се тргне цензусот

715

Во ОБСЕ сме свесни за цензусот од 40 отсто што треба да се исполни за овие избори да бидат валидни. За таа цел ОДИХР повеќепати во минатото даде препорака цензусот да се тргне, изјави денеска шефицата на ОБСЕ/ОДИХР Корин Јонкер, по посетата на гласачкото место 2789 во населба Драчево.

Таа истакна дека 170 набљудувачи се распоредени денеска низ земјава, и оти мисијата е тука за да види дали изборите се спроведуваат согласно меѓународните стандарди.

– Само што набљудувавме избирачко место, но едно избирачко место не ги опфаќа сите и ќе бидеме во можност да кажеме нешто за изборниот ден, откако ќе заврши целиот процес на набљудување. Самиот ден на изборите е врвот на ледениот брег, ќе треба да чекаме до крајот на денот за крајна оценка – подвлече Јонкер.

Таа потсети дека долгорочниот набљудувачки тим на мисијата е тука од средината на март и тука ќе остане до средината на мај за да го набљудува целиот избирачки процес и оти утре ќе излезат со изјава во врска со целокупниот изборен процес.

– Утрово бев во друго избирачко место и тоа беше сосема различно со ова избирачко место што го набљудувавме сега, така што би сакала да не давам прерани оценки во врска со процесот, туку на крајот на изборите – рече Јонкер на прашањето да даде оценка за досегашниот тек на вториот круг на претседателските избори.

Меѓународните набљудувачи на претседателските избори во земјава ќе ги соопштат првичните наоди и заклучоци за вториот круг од изборите утре на прес-конференција.

Меѓународната мисија за набљудување ја сочинуваат околу 170 набљудувачи од 32 држави, од кои 156 се долгорочни и краткорочни набљудувачи ангажирани од ОДИХР, 11 парламентарци и персонал на ОБСЕ ПС и пет од ПССЕ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...