Не доаѓа сѐ уште лето, не грижете се. Доаѓа предизборен молк, време кога треба да ја испорачам оваа колумна, а Бранко Героски, уредникот на „Слободен печат“ држи до тоа – кога е предизборен молк – не коментираме политика, и јас тие вредносни критериуми ги почитувам. Ако веќе е така, а така е, овој текст ќе го посветам на оние читатели кои се вљубеници во книгата. Ќе ви нафрлам неколку наслови кои задолжително треба да се прочитаат, се со цел, да не се оди „бос низ (политичко!) трње“. Односно ќе ви препорачам книги за кои мора да најдете време и место.
Оние луѓе кои книги не читаат или многу малку читаат (или „тоа што читаат, криви ствари читаат“, вели Џони Штулиќ), секогаш имаат згодни изговори за тоа, а најчестиот и вечен изговор е: „немам време“.
За разни глупости време ќе се најде, ама за книги време се нема, некако секогаш ќе извисат… За среќа, јас сум доволно луд за да најдам време за книги. Сакам со тоа да проживеам милион животи и идентитети (за време на мојот физички живот). Имате сите слични примери од вашето секојдневие, сигурен сум, кои ви велат дека го прочитале Ниче, Шопенхауер и Кант? Секогаш се прашував, зошто по ѓаволите, тоа не се гледа на нив?
Познавам исто така и луѓе кои велат, „ако многу читаш, можеш и да збрлавиш“. Уште еден глупав аргумент на нашата „просветена раја“: напротив, на духот му е потребна константна вежба за да не закржлави, на ист начин како што на телото му треба вежба за да не закржлави.
За оваа сабота ги добивате моите „топ 5“ фаворити. Не, не се работи ниту за „лесни“, ниту за „тешки“ книги – книгите не се Сумо борачи за ние да ја мериме нивната тежина и да ги класифицираме во категории – туку книгите ги класифицираме на оние кои се добри и оние кои се важни.
Умберто Еко: „Нулти број“
Светската книжевност остана без стариот и добар луциден професор, а неговиот „тестаментарен“ роман зборува за тоа како и зошто пропадна новинарството: го уби површноста и поефтинувањето, заразни болести кои не му простуваат никому што ќе го допрат. Меланхоличен, а брилијантно збогување со светот на еден шармантен професор кој во својата педесетта година стана „млад писател“ со романот „Името на ружата“.
Оја Бојдер: „Изгубениот збор“
Роман за современата Турција измеѓу Европа и Азија, верата и секуларизмот, патријахалноста и сексуалните слободи, космополитизмот на метрополата и тегобната затвореност на паланката, измеѓу елитата и плебсот, Турците и Курдите… Ама и за тешкиот и непремостлив јаз измеѓу мажот и жената, нивниот син кој тргнува е на пат за да ги оствари високите „класни амбиции“ на своите родители. Промислено и паметно, се проповеда „на раат“, со турско кафе и „рахат“ локум.
Јон Собрино: „Надвор од сиромаштијата спасение нема“
Собрино е еден од најважните мислители на теологијата на ослободувањето. Во 2007 година Конгрегацијата за вера објави предупредување према кои неговата теологија „може да претставува опасност за верниците“, а скратена му е можноста да предава во католичките училишта. Собриновата радикална книга го содржи она што го бараат многу современи мислители од левицата – начин да се помират еманципаторските политики и христијанската догма.
Јакоб Таубес: „Политичката теологија на Свети Павле“
Карл Шмит беше еден од најголемите теоретичари на правото во 20 век. Покрај тоа што беше и човек кој за потребите на Третиот рајх правно го дефинира одговорот на прашањето: „кој е Евреин“? Што во превод значи: кој е тој што ќе биде убиен во Холокаустот. Јакоб Таубес беше голем мислител и почитувач на Карл Шмит, ова е, покрај останатото, книга за тоа како и зошто, според Таубесовиот суд, Карл Шмит погрешно ја разбрал политичката теологија на Свети Павле.
G. Sebald: „Кон природата“
Голема поезија на големиот, прерано починат прозен писател, од чии романи го издвојувам „Аустерлиц“.
Мишел Уелбек: „Покорување“
Уелбек е фашист, женомразец и исламофоб? Ништо од ова не е точно; со овие атрибути само сака да кокетира, дури би се рекло дека трајно се забавува со човечката површност. А „покорување“ не е книга за „опасноста од исламот“, туку напротив, се работи за современиот маж кој под извесни услови прифаќа да биде исламизиран – кој не би сакал легално да има четири жени? И останати други свински машки привилегии. Е, заради тоа оваа книга е напишана: за глупавата и поткуплива машка свиња. Се’ друго во овој роман е обична „кореографска“ нарација на авторот.
Како ви се чини, треба ли да се читаат книги? Бранко Кукиќ, главниот и одговорен уредник на списанието „Градац“ од Чачак, еднаш во едно интервју рече отприлика вака (цитирам според сеќавање): „јас не мислам дека секој човек треба да чита добри и важни книги“.