Али Ахмети: Гласајте, ако нема цензус Талат Џафери нема да биде претседател, ќе има нови избори

2730
ФОТО: EPA-VALDRIN-XHEMAJ

Претставниците на Демократската унија за интеграција (ДУИ) на вечерашниот митинг во Скопје ги повикаа Албанците на претстојниот втор круг од претседателските избори да гласаат за консензуалниот кандидат за претседател кој е проевропски ориентиран.

Претседателот на Собранието Талат Џафери потенцираше дека првпат се огласува за време на претседателската кампања поради неговата функција.

– Граѓаните на Северна Македонија одлучија да бидат ориентирани кон ЕУ, никој не сака да се враќа назад. Нашиот избор треба да биде јасен. Колку и да сакам да бидам неутрален, како граѓанин се определувам за Западот. Да излеземе на 5 мај и да го поддржиме кандидатот што е ориентиран кон ЕУ и НАТО – рече Џафери.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, истакна дека на 5 мај треба да се гласа за консензуален кандидат, посочувајќи дека тој нема да гласа за себе, туку за младите. На митингот тој посочи дека имаат од 100 до 150.000 гласачи.

Наведе дека доколку нема цензус тоа не значи дека претседателот на Собранието Талат Џафери ќе биде претседател на државата, туку дека за 75 дена повторно ќе се распишат избори.

Изет Меџити, шеф на изборниот штаб на ДУИ, истакна дека силно го поддржуваат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

– Мора да поддржиме проевропски кандидат. Не смееме да поддржиме кандидат кој не познава двојазичност. Да се излезе на 5 мај и да се гласа. Апстиненцијата ѝ помага на ВМРО-ДПМНЕ, ги ризикува НАТО и Европската Унија. Како ДУИ и како Албанци немаме дилеми – порача Меџити.

Градоначалничката на Тетово Теута Арифи нагласи дека идејата на Европа е идеја на консензуланост.

– Не го правиме ова за послушност на некој, ова го правиме за нашата земја, за себеси. За рамноправноста на сите граѓани – истакна Арифи, посочувајќи дека Албанците уште еднаш треба да докажат дека се фактор без кој земјата нема да биде во НАТО и во ЕУ.

ФОТО: EPA / VALDRIN XHEMAJ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...