Израел им оддаде почит на жртвите на Холокаустот

61
ФОТО: МИА

Со звукот на сирените точно во 10 часот по локално време, жителите на Израел денеска со двеминутен молк им оддадоа почит на шесте милиони Евреи убиени од нацистите и нивните соработници за време на Холокаустот во текот на Втората светска војна.

На звукот на сирените Израелците стоеја со наведнати глави на улиците, прекинаа со работи во фабриките, наставата во училиштата, возачите и патниците се симнаа од автобусите и автомобилите, во знак на сеќавање на настраданите.

Церемонии денеска се одржуваат низ целата земја. Денот на сеќавање на Холокаустот е еден од најтажните во израелскиот календар.

Рестораните, кафулињата и местата за забава се затворени, а радио и ТВ станиците емитуваат интервјуа со преживеани од Холокаустот и документарци за геноцидот.

Во израелскиот Парламент, Кнесетот беа прочитани имињата на оние кои систематски биле убиени, а беа положени венци на споменикот на Варшавско гето во Меморијалниот центар на холокаустот Јад Вашем во Ерусалим.

Во Јад Вашем синоќа се одржа државната церемонија по повод тој ден при што беа запалени шест факели, по еден за секој милион убиени Евреи.

Израелскиот претседател Рувен Ривлин во говорот предупреди за растечкиот антисемитизам во Европа, нагласувајќи дека тој „повторно ја крева главата, поттикнат од брановите на миграцијата, економската криза и разочарувањето во политичкиот естаблишмент.”

Тој упати критика на сметка на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, повикувајќи ја Владата да размисли за соработката со националистичките партии во Европа.

– Политичките сили на кои антисемитизмот и расизмот им се дел од нивниот вокабулар, нивното наследство и нивните идеологии, никогаш не можат да бидат наши сојузници – рече Ривлин.

Премиерот Нетанјаху, исто така, зборуваше за заканата од антисемитски екстремизам, оценувајќи дека екстремната десница, екстремната левица и радикалниот ислам се согласуваат во една работа – „нивната омраза кон Евреите”.

Нетанјаху ги спомна смртоносните напади во синагогите во Сан Диего минатиот викенд и во Питсбург во октомври 2018 година, како и вандализмот на еврејските гробишта.

Тој ја критикуваше неодамнешната политичка карикатура во меѓународното издание на „Њујорк тајмс“, во која тој е прикажан како куче со ѓердан со Ѕвездата на Давид, како го води слепиот Доналд Трамп со еврејска капа на главата, оценувајќи дека „омразата кон Евреите стигнала во угледни весници“.

Неколку часа пред синоќешната церемонија, истражувачите на Универзитетот во Тел Авив соопштија дека минатата година се зголемил бројот на речиси сите облици на антисемитизмот и дека многу Евреите во дијаспората се чувствуваат повеќе несигурни.

Во Холокаустот се убиени една третина од тогашниот број на Евреи во светот.

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...