Во Велика Британија денеска се одржуваат избори за над 8.000 членови на околу 260 совети на локалните власти, во најголем дел во Англија, вклучително и во Лондон, како и во Северна Ирска.
Како што јави ДПА, анкетите на јавното мислење покажуваат дека Конзервативната партија на премиерката Тереза Меј ќе загуби околу 800 советнички места, што досега беа под нејзина контрола. Околу 60 проценти од местата за кои се гласа денеска досега ги држеа членови на Конзервативната партија.
Изборите се одржуваат во време кога Меј се обидува да обезбеди поддршка во Долниот дом на британскиот Парламент за усвојување на нејзиниот план за Брегзит.
Меј вчера пред пратениците изјави дека се надева на постигнување компромис со опозициската Лабуристичка партија за нејзиниот план за Брегзит, што би вклучувало останување на Велика Британија во некаква форма на царинска унија со ЕУ, на што се противат тврдокорните приврзаници на истапувањето на земјата од блокот во редовите на конзервативците.
Анкетите покажуваат и дека на локалните избори добар резултат ќе постигне анти-ЕУ Партијата за независност на Обединетото Кралство (УКИП), која се очекува да преземе голем број места во локалните совети што досега ги држеа конзервативците.
На овие избори на учествува Партијата Брегзит на поранешниот лидер на УКИП, Најџел Фараж, на која и се предвидува солиден резултат на претстојните избори за Европскиот парламент предвидени за крајот на мај.
ФОТО: EPA / JULIEN WARNAND