Гамбитот на Заев?

Сега е Заев пред нов политички гамбит: доколку претседателските избори, од кои било причини, не завршат со регуларна победа на Пендаровски, се чини дека тој, Заев, е подготвен да си даде оставка од премиерската функција и сосема да се повлече од политиката, во очи на новите, предвремени парламентарни избори коишто најверојатно би се организирале заедно со повторените претседателски.

2724

Вториот круг на претседателските избори, од релативно здодевен изборен политички процес, го има целиот потенцијал да се претвори во впечатлива политичка мелодрама, во која има и неизвесност и силни емоции. За тоа се заслужни резултатите од првиот круг на гласање: од нив никој не може да биде задоволен, а можеби најмалку Зоран Заев.

Начинот на кој Заев се вложи во македонската висока политика во последните три-четири години личи на серијалот на филмски потфати на Индијана Џонс: повеќе непресметлив, од храбар херој, кој решил да го спаси светот од следната ужасна катастрофа, наспроти сите здраворазумски изгледи дека ќе биде жртва на сопствената шармантна, непресметлива храброст. Големината на триумфот е рамна на големината на превземениот ризик за тој да се постигне.

А само и површна споредба за тоа каде беше Македонија во 2013-2014 година, со тоа каде е во 2019 година, говори за голем и непредвидлив низ од настани, повеќето предизвикани или асистирани од самиот струмички Индијана, кои драматично ја сменија иднината на земјава. Неспорно, на подобро. Објективно, на многу подобро, без разлика на заглушувачката опозициска пропаганда и на ројот добронамерни, но жестоки критичари.

И, по серијата тешко извојувани, а често и скапо платени победи, дојде нерешениот резултат во претседателското полуфинале. Се потрошија томови од анализи за причините за резултатите од првиот круг на изборното гласање, што не се неопходни овде да се повторуваат. Но, факт е дека, после таквиот резултат, Заев делува и уморно и разочарано, бидејќи знае дека целиот ризичен проект за почетокот на модернизацијата на Македонија може целосно да пропадне доколку влеземе во уште една политичка криза со сосема непредвидливи последици.

Сега е Заев пред нов политички гамбит: доколку претседателските избори, од кои било причини, не завршат со регуларна победа на Пендаровски, се чини дека тој, Заев, е подготвен да си даде оставка од премиерската функција и сосема да се повлече од политиката, во очи на новите, предвремени парламентарни избори коишто најверојатно би се организирале заедно со повторените претседателски.

Кај многумина политички непријатели на Заев (не само во опозицијата и не само во Македонија!) ова сценарио, од разбирливи причини, ќе предизвика големо воодушевување. Кај повеќето граѓани на Македонија, пак, тоа може да биде последен повик за гласачко отрезнување, бидејќи во овој момент државата, без лидерството на Заев, несомнено ќе се доведе во опасност да почне да се враќа во сопственото блиско минато од кое, по малку во бунило, едвај се извлече.

Но, во секоја функционална демократија би било непристојно да се ронат премногу солзи по некој кој сам ќе реши да си замине од политиката. Прво, затоа што институционалниот систем би требало да е поважен од политичката волја на поединецот; и, второ, затоа што животот (и во политиката) ја има таа незгодна особина да продолжи да се одвива за другите и кога некој ќе реши да го снема – бидејќи, кого го нема, без него се може!

Така е тоа во функционалните демократии. Во нив, изборите повеќе говорат за гласачите, отколку за кандидатите што се гласаат. Тоа ќе биде случај и во недела, кај нас, на вториот круг од претседателските избори. Конечно, граѓаните имаат право да ја одберат иднината во која сакаат да живеат, дури и во случаите кога можеле, а не сакале да гласаат за неа.

Без грижа, иднината, некаква, секако ќе дојде. А потоа ќе имаме доволно време да се правиме отпосле паметни.

Колумната е преземена од Цивил медиа. 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...