Го гледате сите резултатот во првиот круг. Прво, на ниво на државата, народот наш прекрасен така го темпираше, ни Мицко да бојкотира, ни ние многу фраери да се правиме, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на трибина во Штип во рамки на претседателската кампања.
– Второ, граѓаните испратија сериозна порака. Не отидоа кај опозицијата. Ако биле погрешни политиките, со нов лидер на опозицијата, 150.000 гласови треба да ни водат, а тие паднаа 35.000 гласови доле. Паднавме и ние. Еден дел од нашите гласачи останаа дома од неколку причини. Една од нив е разочараност и ќе зборувам за тоа, секогаш зборувам оти сум транспарентен политичар. Еден дел викаат „де бре претседателе, па втор круг има, сите знаеме дека не го бираме претседателот во прв“ – рече Заев.
За друг дел од граѓаните, смета тој, реално имале опција во првиот круг и гласале за Блерим Река кој е со сличен концепт со Пендаровски. Но, тие гласови тој ги очекува сега на контото на Пендаровски.
За оние кој седеле дома, тој уште еднаш порача дека ја примиле пораката и оти ќе има „метла“ по изборите што е во ред после две години власт.