Десетина новинари од различни редакции денеска излегоа на првомајски протест, организиран од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ).
Со транспаренти „Сиромаштија = Самоцензура“, „ДА за работа, НЕ за ропство“, „Нема (работнички) права, нема мир“, новинарите порачаа дека без достоинствен новинар нема достоинствено новинарство.
– Не постои Комора на работодавачи за медиуми, постојат некакви здруженија, на електронски медиуми, на печатени итн. Меѓутоа не постои на ниво на цела медиумска индустрија преговарач и мислам дека тоа несоздавање на комора на работодавачи е токму да не се потпише колективен договор. Се обидуваме да правиме договори парцијално по медиуми, за на тој начин да направиме притисок за целосен колективен договор. Немаме друг излез за да ги регулираме конечно односите, без достоинствен новинар, немаме достоинствено новинарство – вели Ѕвездан Георгиевски, в.д. претседател на новинарскиот синдикат.