Магазинот „Спортс илустрејтед“, уште еднаш испишува историја. Мајската насловна на овој престижен магазин ја краси сомалиско-американската манекенка Халима Аден, која позирала во буркини.
Халима Аден е родена во Каукма, бегалски камп во Кенија, а во САД се преселила во 2004 година. Светското внимание го привлече во октомври 2016 година, кога стана првата Мис на Минесота која се натпреварувала во хиџаб и буркини.
Насловната на магазинот „Спортс илустрејтед“ ја коментирала во емисијата „Добро утро Америка“.
– „Спортс илустрејтед“ е доказ дека девојка која носи бикини може да биде покрај девојка која е облечена во буркини. Ние жените можеме да бидеме една покрај друга, можеме една на друга да си бидеме најголема поддршка – рекла Аден, додавајќи дека било многу емотивно да се снима едиторијалот во Кенија.
Ем Џеј Деј, уредник на „Спортс илустрејтед“, рекол дека ова издание на магазинот е едно од најзначајните досега.
– Веруваме дека убавината не познава граници. Ѝ се восхитувам на Халима и мислам дека нејзината работа е многу инспиративна. Таа е прекрасна, не само однадвор, туку и одвнатре. Кога се запознавме ме освои со својата интелигенција, ентузијазам и автентичност – рекол тој.
Аден изразила надеж дека во иднина ќе продолжи да руши стереотипи.
FOTO: Printskrin/Instagram