И по 5 години нема напредок по иницијативата за законско нормирање на холдингот

706

Една од клучните иницијативи, коja Стопанската комора на Македонија ја покрена за прв пат пред 5 години, а ќе продолжи да ја актуализира и во наредниот период пред носителите на државната власт, е иницијативата за воведувањето на холдингот во македонското законодавство, како форма на поврзување на компаниите за подобри деловни резултати.

Заклучокот на Владата на Република Северна Македонија од 117-та седница одржана на 29.01.2019 година, со кој се задолжи Министерството за економија да пристапи кон измени на Законот за трговски друштва и да ја вклучи Стопанската комора на Македонија во работната група за измените на Законот, токму во делот што се однесува на можноста за воведување на холдингот, претставува своевидна потврда на оправданите барања на бизнис заедницата за законско нормирање на ова значајно прашање.

Имајќи ја предвид потребата ефикасно да се придонесе во согледувањето на компаративните искуства по прашањето на холдингот и да се предложи најдоброто законско решение, Стопанската комора на Македонија, на барање на Министерството за економија, делегираше свои претставници во работната група за подготовка на измените и дополнувањата на Законот за трговски друштва, кои се однесуваат на прашањата за прекуграничните спојувања на друштва, како и законско нормирање на холдингот.

На наше големо изненадување, после неколку средби на работната група и дискусија околу предлог-решенијата, Министерството за економија одлучи регулирањето на прашањето за холдингот да го одложи до следните измени на Законот за трговски друштва и го објави Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва на ЕНЕР, во кој прашањето за холдингот не е предмет на уредување.

Стопанската комора на Македонија понуди и финансиска поддршка за дополнителна експертска помош во изготвувањето на предлог-решение за уредување на холдингот во Законот за трговските друштва, но, за жал, ова прашање повторно се заобиколи и се остави на уредување за некој следен пат. Останува да се надеваме дека и тогаш, работната група нема да биде формирана за да не се заврши работата.

Да не зборуваме за постојаното префрлање на работата по ова прашање од едно на друго министерство, во смисла кој прв треба да се ја заврши работата во својот дел. Имено, кога Комората во 2017 година, на барање на бизнис заедницата, повторно го актуализираше прашањето за холдингот, во поднесената Иницијатива за законско нормирање на холдинг друштвата, преку уредување на даночен режим приспособен на специфичностите на нивното функционирање, ги образложи причините за таквото барање, при што наведе дека ова прашање треба да се уреди, како во Законот за трговски друштва, така и во даночната регулатива, за што соодветно својата надлежност ја имаат Министерството за економија и Министерството за финансии. Од Министерството за финансии, очекувано, добивме одговор дека холдингот како посебна форма на поврзани друштва прво треба да биде уредено со Законот за трговски друштва, за да може потоа да се пристапи и кон прашањето за даночниот третман на холдингот и да се предвидат, како што е наведено, даночните ослободувања согласно Законот за данокот на добивка. Веднаш потоа, Министерството за економија, во официјалниот одговор, наведе дека Информацијата која била изготвена и доставена до Владата околу формирање работна група за пристапување кон уредување на ова прашање, била разгледана на 94 седница на Владата одржана на 15.02.2017 година, но дека потоа Секретаријатот за законодавство, со своето мислење во делот на предложените заклучоци создал забуна, затоа што различно биле толкувани заклучоците, поради што од Министерството за економија до Владата била доставена „информација од информативен карактер, без заклучоци“, која поради тоа што не била потпишана од министерот, не можела да се проследи до Владата и така, по однос на ова прашање, како што се вели во дописот, од страна на Министерството за економија, не се спроведени дополнителни активности.

Иако мошне збунувачки, официјалните одговори од надлежните институции, не не` поколебаа, како Комора, да продолжиме со застапување на интересите на нашите членки, што е наша должност согласно закон и статут и можам да констатирам дека нашите напори не беа залудни, бидејќи дури после 2 години од поднесувањето на иницијативата, конечно се пристапи кон формирање на работната група и тоа, сепак, влеа надеж дека работата конечно ќе тргне. И, пак не се заврши… но следниот пат, крајно време е да се заврши. Не ни преостанува ништо друго, освен да бидеме истрајни во барањата за реализација на нашите иницијативи.

На крајот, само ќе споменам дека поминаа 5 години од неприфаќањето на Иницијативата, и покрај реалните потреби за законско нормирање на холдингот во Законот за трговски друштв а, како основа за натамошни измени во даночната регулатива, како потреба на современите бизнисмени кои имаат желба да ги направат уште поуспешни и потранспарентни своите бизниси, да овозможат повеќе вработувања во своите поврзани субјекти, повеќе инвестиции, развој, иновации и проширување на дејностите, а за сметка на тоа да добијат и определени даночни олеснувања кои ќе го поттикнат нивното натамошно успешно дејствување.

Зошто детално го образложив патот од иницијативата до нејзината (не)реализација? Сигурно не за да ги критикуваме или напаѓаме државните органи и институции за нивната лежерност, неефикасност или бирократизираност; секако не и за да привлечеме внимание или за да бидеме интересни; секако не и за да се пофалиме колку и како ние сме ги согледале состојбите… Нашата цел не е тоа… Нашата цел е согледувајќи ги состојбите, да бидеме активен чинител во подобрувањето на економските текови во државата, во подобрувањето на условите за водење бизнис, во зголемување на економскиот раст, во работа на подобрување на инфраструктурата, инвестициите и извозот. А како ќе бидеме активен чинител? Со предлагање конкретни иницијативи, како оваа, наместо критикување, со директно учество во сите процеси кои го засегаат бизнисот наместо набљудување, со вклученост во креирањето стратегии и политики кои се клучни за поттикнување на економскиот раст, наместо со давање забелешки на истите… Комората е веќе подготвена за тоа со умствен, кадровски и административно-логистички капацитет. Но за да се постигне сето тоа, не треба само Комората да биде подготвена, туку и институциите на системот треба да и ` овозможат на Комората да биде тоа што и доликува – гласот на бизнис-заедницата која е значаен фактор во создавањето на БДП, во плаќањето на даноците, во вработувањето и создавањето нови работни места, и воопшто во севкупниот економски живот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...