Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оствари средба со жителите на населбата Сењак во Штип, Пред присутните граѓани Мицкоски истакна благодарност за поддршката за кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова и побара уште помасовна поддршка и запечатување на победата на Сиљановска Давкова во вториот круг на 5 мај, соопшти партијата.
Мицкоски посочил дека граѓаните на Република Македонија во вториот круг на претседателските избори 5 мај одлучуваат за сопствената иднина но и за иднината на државата во кој правец ќе се движи. Тој нагласил дека ВМРО-ДПМНЕ е во коалиција со народот бидејќи народот е тој кој што ги носи промените во државата.
Тој потенцирал дека со победа на Силјановска Давкова ќе се отвори можноста и за предвремени парламентарни избори како и за тоа конечно Македонија да ја види како силна и стабилна држава.
– Заедно со народот ние стигнавме на првиот меѓник. Тој прв меѓник беше онаа голема победа во 47 општини во Република Македонија на 21 април. Браќа и сестри, добри луѓе нашиот втор меѓник е 5 мај, сега во недела, кога треба да покажеме и докажеме дека не само во 47 општини, туку ВМРО-ДПМНЕ заедно со новиот претседател, а Република Македонија со Гордана Силјановска Давкова можеме да победиме во цела Македонија. Третиот меѓник ќе биде победата на предвремените парламентарните избори кога ќе ја формираме новата влада во Република Македонија. А четвртиот и за мене последен меѓник ќе биде тогаш кога ќе се разбудам едно утро и кога заедно со народот ќе кажеме сонот за Македонија, онаа нашата цел која што си ја зацртавме кога започнавме да се бориме стане јаве – вели Мицкоски.