Владата даде негативно мислење за Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) за 2018 година.
На владината седница се одлучуваше за извештајот на барање на Собранието.
– Извештајот на КЗД не дава целосна слика за состојбите со дискриминацијата, имајќи предвид дека податоците што се објавени не се вкрстени по повеќе параметри и покрај тоа што во извештајот се наведува дека има поголем процент на претставки поднесени од жените, поради што не може да се констатира состојбата по однос на дискриминацијата по сите законски основи – заклучила Владата.
Дополнително, владиниот кабинет констатирал дека од извештајот на КЗД не може да се согледа следењето и постапувањето по предметите кај кои е констатирана дискриминација и дали Комисијата има поведено прекршочна постапка согласно со нејзините ингеренции. Му препорачува на Собранието Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита од дискриминација за 2018 година да биде вратен на доработка, информира владината прес-служба.