Словенечки „Вечер“: ЕУ повторно се загрижи за Западен Балкан поради Русија

Србија и Косово не се единствените земји што „го тресат Балканот“. Северна Македонија е како буре барут. Црна Гора, како и Србија, се соочува со антивладини протести, Хрватска е релативно нестабилна пред есенските избори, а за БиХ да не се ни споменува, пишува „Вечер”

884

Словенечкиот весник „Вечер“, по повод состанокот за Западен Балкан во Берлин, оценува дека спречувањето на растечкото влијание на Русија е всушност причината поради која Европската унија „ненадејно почнала“ да се грижи за регионот.

ЕУ има „историја на заборавања“ на Балканот, војните во регионот беа работа на НАТО, а не на ЕУ, напоменува „Вечер“ и го поставува прашањето, што е тоа што се променило.

Мариборскиот весник во текстот под наслов „Европски Балкан“, истакнува дека Русија и Кина почнале да го расчистуваат патот на стариот континент, додека САД, како што изгледа, се откажаа од него.

Во тој контекст, „Вечер” потсетува и на други промени на европскиот континент, како што е руската анексија на Крим, појавата на Турција како нова сила и мигрантската криза.

Иако, спорот меѓу Белград и Приштина, беше во центарот на самитот во Берлин, организиран по иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, тој состанок, според оценката на весникот, носи поголемо значење.

– Србија и Косово не се единствените земји што „го тресат Балканот“. Северна Македонија е како буре барут. Црна Гора, како и Србија, се соочува со антивладини протести, Хрватска е релативно нестабилна пред есенските избори, а за БиХ да не се ни споменува, пишува „Вечер”.

Весникот забележува дека ЕУ сé уште не знае што да прави со Балканот.

-Од една страна, се плашат од нестабилност, а од друга од проширувањето, особено имајќи го предвид подемот на радикалната десница. Во блиска иднина, нема да има носење на одлуки, а сигурно не пред изборите за Европскиот парламент, заклучува мариборски „Вечер“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...