„Орландина“ ќе го отвори Танц фест во среда

Публиката ќе има можност да ја проследи претставата „Д.О.Л.“ на младата короеграфка Адријана Данчевска, со која ќе се одбележат седум години постоење на Скопје танцовиот театар.

180

Танц фест 2018 во среда ќе ја започне програмата во Годината на танцот со предотоворање на музика на Kraftverk и учество на 90 деца од танцови студија.

Ќе учествуваат деца од студиото „Break The Floor“ од Штип, под раководтсво на Ева Пејова, од „Еурека“ од Скопје, чиј уметнички директор е Катерина Јолакоска, Fusion, Куманово, уметнички директор Бојана Додевска и „Рисимкин истражувачки центар“ – РИЦ од Скопје, уметнички координатор Матеа Киселичка. По настапот на децата, ќе биде доделена Наградата за врвни остварувања во областа на танцот МЕНАДА на извонредниот француски уметник Дидје Дешан.

Првиот дел на програмата ќе започне со настапот на прекрасната словенечка танчерка Росана Хрибар, во соло танцот „Орландина“ на Танцовиот театар од Љубљана, Словенија, во кореографија и режија на Рисима Рисимкин. Претставата имаше своја премиера на сцената на Танцовиот театар во Љубљана на 23 март и беше одлично оценета од тамошната критика, која уметничкиот спој помеѓу Росана Хрибар и Рисима Рисимкин го нарече „врвен уметнички тандем“. Дизајнот за претставата го направи извонредниот костимограф Алан Хранитељ, кој има светска кариера и кој меѓудругото работи и за светски призната компанија „Cirque du Soleil“. Музиката за „Орландина“ е на македонскиот композитор Тони Китановски.

„Орландина“ е претстава посветена на Росана Хрбар и времето. Инспирирана од романот „Орландо“ на Вирџинија Вулф, претставата „Орландина“ така насловена од кореографката, е интимна приказна на танчер, раскажана преку видогледот на три силни жени од различни културни, политички и временски периоди: Вирџинија Вулф, Рисима Рисимкин и Росана Хрибар.

Во вториот дел на вечерта публиката ќе има можност да ја проследи претставата „Д.О.Л.“ на младата короеграфка Адријана Данчевска, со која ќе се одбележат седум години постоење на Скопје танцовиот театар.

Данчевска за претставата вели дека тоа е трансформација на изграден профил. Дел први по дел втори и губење во содржината. 10 профила поставуваат крај. Заокружувањето на оваа сцена не беше наша желба.

Во претставата настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар: Матеа Киселичка, Александра Петрушевска, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Јакуб Мунко, Сара Цветковска, Јована Зајкова, Бобан Русески и Тереза Лазарев.

Музиката за претставата ја направи Александар Гроздановски-Херцел.

– Адријана Данчевска е дел од новата генерација млади кореографи, кои се произведени во Македонија во Скопје танцовата академија, сега Катедра за танц при УГД. Мислам дека е исклучително талентирана и дека направи ново, атрактивно и предизвикувачко дело – кореографија која ги буди инстинктите и овозможува комплетно доживување. Навистина се чувствувам гордо што Скопје танцовиот теаатр го слави седмиот роденден со оваа кореографија, во која учествуваат квалитетни млади уметници и која ќе има свој понатамошен творечки пат, не само во Македонија, туку и надвор – вели Рисима Рисимкин.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...