На 5 мај да излеземе и да го избереме идниот претседател на државата на кој прва и последна задача е да работи за својот народ, да работи за сите, претседател кој нема друга агенда освен државата, граѓаните и подобро утро.
Ваква порака вечерва испратија кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски и потпретседателската на СДСМ и вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на трибина организирана во скопската општина Аеродром.
Пендаровски на присутните им порача дека овде во Аеродром мора да победат во вториот круг. Вели дека очекува во вториот круг десетпати поголема разлика отколку во првиот круг.
– Мора да го заокружите бројот три, затоа што тоа е единствениот начин да се приклучиме на ЕУ, другото е враќање назад. Гласањето за Гордана е гласање за Иванов. Со гласањето на бројот три гласате да добиеме претседал од кој нема да се срамите, и на кој прва и последна задача ќе му биде да работи за својот народ, а не за фамилијата, да работи дури и за опозицијата и за оние што не го гласале, да работи за сите. Претседателот мора да биде претседател на сите, не како овој до сега само на фамилијата – потенцира Пендаровски и додаде дека секоја друга варијанта нема да ни донесе не само демократија, туку нема да ни донесе ни економски развој, но ни придвижување кон евроинтеграциите.
Посочувајќи дека знаат зошто голем дел од граѓаните не излегоа порача дека сега треба да излезат заради државата, бидејќи во спротивно ја враќаме диктатурата и режимот на фамилијата.