Моја најголема гордост е што имав чест да го познавам првиот претседател на самостојна и независна Република Македонија, господинот Киро Глигоров, исклучителен човек, политичар и државник, рече Стево Пендаровски кандидат за претседател во Штип.
„Независна Македонија памети претседатели на Републиката кои во своите мандати оставиле силен печат врз историјата на нашата татковина со правецот по кој ја движеле земјата. Неговата улога во осамостојувањето и меѓународното признавање на нашата татковина е бесценета. Во услови кога на територијата на бившите југословенски држави војната беше на прагот, Глигоров изоде тежок и трнлив пат до конечно одвојување од Федерацијата и мирно осамостојување на нашата земја – рече Пендаровски.
Неговите храбри политички потези се пример за политичар со визија и државник кој на пиедесталот на своите државнички приоритети ја имаше татковината, своите граѓани и нивниот мир, додаде Пендаровски.
– Токму затоа, во негова чест, би сакал да најавам дека како ваш иден претседател, ќе иницирам воведување Орден „Киро Глигоров“ кој ќе се доделува на заслужни граѓани кои дале придонес кон мирот и безбедноста во државата – порача Пендаровски и додаде дека политиките на Глигоров се пример, показател, колку е важно за една држава да го задржи вистинскиот, правец на движење за нејзината иднина.