Велигденски белешки на еден атеист

Велигден. За мене, атеистот, „од сите вери надвор“, како што на шега ми велат некои мои другари, не е без значење, иако тоа не се очекува од еден прописен атеист. Сепак... За мене, Велигден е значаен симбол,

1265

Додека ѕвонеа камбаните на велигденското утро, моите мисли беа со христијанскиот дел од моето семејство (има и Католици и Православни) и со сите мои блиски и далечни пријатели Христијани. Такви мисли им упатувам и на Муслиманите во моето семејство и на пријателите, додека мујезинот ја кажува својата молитва од минарињата кога е исламски празник.

И одново ја започнувам мојата прошетка низ времето, религиите, верата и поделбите. Живеам со луѓе различни вери, Христијани (Православни, Католици, Протестанти…) и Муслимани.  Малку се на број, но познавам и прекрасни луѓе што се поклоници на јудаизмот. Да не ги заборавам, многумина од тие со кои го минувам животот се атеисти или агностици. Мислам на сите во вакви мигови.  

Не ги одминувам ни Нов Зеланд и Шри Ланка, за време на мојата велигденска прошетка низ историјата и денешнината. Тажам тивко, во себе, по жртвите на едно големо милениумско недоразбирање. По не знам кој пат во животов, се прашувам, не без патетика, како може една вера да ги учи луѓето на толку љубов и човечност, а да биде причина за толку многу суровост и крвопролевање. Заклучувам дека немам добар одговор, но и дека самото прашање е доволно моќен протест против човечката глупост и агресија, па продолжувам понатаму.

И Христијаните и Муслиманите веруваат во постоењето на Исус Христос. Читајќи ги книгите што им се свети на Христијаните и на Муслиманите (Новиот Завет и Коранот), одамна дознав дека и едните и другуте веруваат во тоа дека Бог/Алах го земал Исус Христос кај себе. Приказните се различни, но суштината е иста. Некои, пак, веруваат дека бил симнат жив од крстот и бил префрлен во Франција, каде што го поминал остатокот од животот со својата сопруга Марија Магдалена, со која имал и деца. Трети веруваат дека Месијата, всушност, е Марија Магдалена, а Исус бил нејзин верен следбеник. Некои велат дека тој е борец за човекови права, чија мисија е само делумно позната и е прилично погрешно интерпретирана, замаглена низ вековите на манипулации, експлоатација, поделби и војни.

Велигден. За мене, атеистот, „од сите вери надвор“, како што на шега ми велат некои мои другари, не е без значење, иако тоа не се очекува од еден прописен атеист. Сепак… За мене, Велигден е значаен симбол, без оглед на тоа кој колку е верник или не.

Велигден е цивилизациско сведоштво за вербата на човекот дека е можно да се започне нов живот, да се воскресне од мртвите, да се продолжи понатаму. Со други зборови, дека човек може да се промени од корен, да го остави злото зад себе и да тргне по сосема нов пат, во нов живот. Може да биде порочен и да греши, да биде човек на сосема погрешната страна од човечкото, но да се преобрази, да го остави тоа зад себе и да му даде нова смисла на својот живот, па, ако сакате, и нова смисла на својата смрт. Велигден е симбол за тоа дека човек може да најде сили во себе да им прости и на оние што го распнуваат на крст и го убиваат. Моќна е таа порака и не мора човек да е верник за да најде сили во себе да се промени и да се надмине себеси. Доволно е да биде човек.

Алармот на дневната агенда се огласува… Морам да ја напуштам оваа контемплација и да продолжам со дневните обвски… „Среќен ви Велигден, мои драги браќа и сестри“, им честитам во мислите на сите што го слават овој празник. Им честитам и им посакувам многу сила и мудрост на сите што ја разбираат великата порака што ја носи сторијата за воскресението на Исус Христос и што се спремни на искушенијата и на жртвата што ја носи секој почеток на нов, почовечен живот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...