Македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев патува на самитот во Берлин со надеж дека ќе добие потврда на ланското ветување за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ во јуни годинава.
Дали ветувањето ќе биде реализирано е големо прашање. Овојпат не е проблем земјата, туку соседите и регионот во целост, пишува Доче Веле.
Клучна точка на разговорите во Берлин, на кои неформални домаќини се германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, не е проширувањето, туку обидот да се постават на нов колосек преговорите меѓу Белград и Приштина за статусот на Косово.
Проблем за надежите на Северна Македонија да добие датум за почеток на преговори на јунскиот самит на ЕУ е и Албанија, каде состојбата последниве месеци ескалира во длабока политичка криза со неизвесен крај, барем до јунските парламентарни избори. Водечките членки на ЕУ се на став дека е подобро Северна Македонија и Албанија да одат во „пакет“, па сметаат дека одлуката за одредување датум за почеток на преговорите треба да се одложи до септември годинава.