Двајца Британци, 36-годишниот Марк Гудрам и пет години помладиот Џон Рос Вотсон, не можат да ја добијат добивката која ја освоиле на лото. Тие добиле дури 4 милиони фунти, но бидејќи претходно биле осудувани, организаторите сметаат дека пријателите лото ливчето го платиле со украдена картичка.
– Би требало да живееме како милионери, ќе ја тужиме лотаријата – изјавиле пријателите од Лондон.
И двајцата биле невработени, па деновите ги минувале во парк, пиејќи пиво.
– Имаме добитно ливче, каде се нашите пари? Си ги знаеме правата. Лотаријата одолговлекува, најверојатно бидејќи дознале за нашето минато и дека бевме во затвор. Мора да ни платат! Сега би требало да сме во Лас Вегас, а не на оваа стара клупа – рекол Вотсон, кој веќе со својот пријател прославил кога ја слушнал веста, пред да добие „ладен туш“.
Лотаријата заклучила дека добитното ливче било купено со дебитна картичка која им се дава исклучиво на лица кои се сопственици на банкарски сметки. Ниту еден од нив немал таква сметка, а приказната за тоа како платиле за лото ливчето, ја менувале неколку пати.
Последната верзија била дека на пријател му дале 10 фунти за да им купи. Меѓутоа, неговото име не сакаат да го откријат, бидејќи наводно, тој сакал да остане анонимен.
Гудрам имал 22 осудувачки пресуди за 45 криминални дела, а од затвор излегол само неколку дена пред добивката. Тој и понатаму се надева дека парите ќе им бидат исплатени, а ако тоа не се случи, подготвени се да одат и на Врховен суд.
ФОТО: Јутјуб / Принтскрин